Кенија ги затвора сите бегалски кампови, 600000 луѓе ќе останат без сместување

Владата на Кенија објави дека ги затвора бегалските  кампови поради многу тешките економски, безбедносни и еколошки проблеми. Поради тоа ќе се затвори и Дадаб, најголемиот бегалски камп во светот, кој моментално е дом на 300000 луѓе на кениско-сомалиската граница.

Каранџа Кибичо, секретар на кениското Министерство за надворешни работи и интернационална трговија, вели дека влијанието на терористичката група Ал-Шабаб е еден од ризиците доколку камповите останат отворени.

„Кенија, земајќи ги предвид своите национални безбедносни интереси, реши дека сместувањето на бегалците мора да заврши“, изјавил Кибичо.

„Владата на Кенија признава дека одлуката ќе има негативен ефект на животите на бегалците, и поради тоа интернационалната заедница мора колективно да преземе одговорност за хуманитарните потреби кои ќе се појават поради оваа акција“, додава.

Сѐ уште не е јасно кога ќе започнат затворањата, но кениската влада веќе го распушти Департманот за бегалци, кој работи со хуманитарни организации за добросостојбата на бегалците. Затворањето значи дека сомалиските граѓани кои бараат азил во Кенија ќе бидат принудени да се вратат.

Мвенда Нџока, портпарол на Министерството за внатрешни работи, додава: „Пораката е јасна, ги затвораме камповите и нема да прифаќаме повеќе бегалци во земјата“.

Организациите за заштита на човековите права ја осудија одлуката, искажувајќи грижа за стотиците илјади бегалци кои ќе бидат ставени во опасност.

„Оваа несовесна одлука на кениската влада е абдикација на нејзината должност да ги заштити ранливите и ќе стави илјадници животи во ризик“, предупредува Мутони Ванјеки, регионален директор на Амнести Интернешанал за источна Африка, за Independent.

„Тоа може да доведе до принудно враќање на илјадници бегалци во Сомалија и другите земји на потекло, каде нивните животи сѐ уште се во опасност. Тоа е прекршување на обврските на Кенија според меѓународното право“, додава тој.