Со 600 евра и 300 евра за одговорносто лице, казнет е операторот со храна „Ванила фуд“ бидејќи со земените мостри храна од училиштето „Димо Хаџи Димов”, е потврдено дека послужената мусака која ја јадеа учениците минатата недела за ручек, не ги задоволува микробиолошките критрериуми за безбедност, односно утврдено е присуство на бактерија (Enterobacteriaceae), информираат во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
„Од земените мостри храна и брисеви од во рамки на превентивните вонредни контроли во деветте основни училишта, кај една мостра од храна (намаз) утврдено е присуство на бактерија ешерихија коли, за што е наредено намазот да се исфрли од употреба. Два од тестираните брисеви биле позитивни, но, кај нив не е утврдено присуство на патогени бактерии. На операторот со храна за утврдените недоследности со превентивните вонредни контроли, изречени му се две парични казни по 900 евра во денарска противвредност (600 евра за операторот и 300 евра за одговорното лице), а за непоседување на сертификат за завршен курс по хигиена за едно лице и немање соодветни технички услови за работа ( немање на топла вода) во две училишни кујни изречена е и вкупна казна од 650 евра во денарска противвредност“, се наведува во соопштението од АХВ.
Како што оттаму информираат, по наредените мерки за генерално чистење и дезинфекција на објектот, опремата и машините во кујната во ОУ “Димо Хаџи Димов”, денес повторно земале брисеви од работните површини во кујната, за да утврдат безбедност.
„На вонредни здравствени санитарни прегледи упатени се и вработените во кујната, која ќе остане затворена додека не се добијат лабораториските наоди со кои ќе се потврди безбедноста. АХВ официјално ги доби резултатите од лабораториските тестирања на земените мостри храна и брисеви, од работни површини, прибор, машини и од вработените лица во кујната во ОУ „Димо Хаџи Димов” и од вонредните инспекциски контроли кои беа спроведени во кујните на 9 основни училишта во Општина Карпош со кои стопанисува истиот оператор со храна.
На 26 ноември, најмалку четириесет деца од одделенска настава во ова основно училиште се затруја од храна која ја консумирале на училиште. Директорката Лела Николоска, кажа дека станува збор за 40 деца.
„Децата за појадок имаа корнфлекс со млеко, а за ручек јадеа мусака. Се работи за деца од одделенска настава кои имаат топол оброк и се во целодневна настава. Во текот на вчерашниот ден откако си заминале дома, пројавиле симптоми на болки во стомакот. Некои од нив родителите ги однеле на лекар“, рече Николоска за Мета.
Два дена потоа, беше утврдено дека во испитаниот примерок од мусаката која на децата им била послужена за ручек имало грам-негативни бактерии од групата на Enterobacteriaceae, а фекални бактерии биле пронајдени и на 3 чешми во училиштето.



