Каталонија во генерален штрајк поради референдумското насилство

Голем број на Каталонци денеска се очекува да стапат во штрајк, како осуда на полициското насилство на „нелегалниот“ референдум за независност одржан викендов. Во меѓувреме Мадрид се наоѓа под силен меѓународен притисок да ја реши најголемата политичка криза во земјата во последните децении.

Авионскиот и железничкиот сообраќај, како и активностите на пристаништата може да бидат отежнати, откако синдикатите повикаа да не се работи за „силна осуда“ на полицискиот одговор на гласањето, во кое според каталонскиот лидер 90% од гласачите ја поддржале независноста од Шпанија.

Јавните универзитети во Барселона се очекува да се придружат на штрајкот, како и Музејот за современа уметност и најпознатото туристичко место во градот, базиликата Саграда Фамилија дизајнирана од Антони Гауди.

Фудбалскиот клуб Барселона соопшти дека ќе учествува во штрајкот, додавајќи дека ќе ги затвори своите простории и дека ниту еден од нивните тимови, ниту професионалниот, ниту младинскиот, нема да одржат тренинзи.

„Убеден сум дека штрајкот ќе биде масовно поддржан“, изјавил каталонскиот лидер Карлес Пуигдемонт.

Синоќа жителите на многу места низ Каталонија на кратко престанаа да работат и излегоа на улиците во мирен и тивок протест за инцидентите од неделата.

Регионалната полиција од Барселона соопшти дека околу 15 илјади луѓе го сопреле сообраќајот додека протестирале – дел од нив прекриени со сино-жолто-црвено знаме кое го користат каталонските сепаратисти кои извикуваа: „Улиците секогаш ќе бидат наши“.

Централната власт беше одлучна да ја спречи намерата на богатиот североисточен регион да се одвои од Шпанија и ги отфрли референдумските резултати како неуставни и „фарса“.

Најмалку 893 лица и 33 полицајци биле повредени во неделата, откако полицијата за брзи интервенции влезе на гласачките места, исфрлајќи гласачи и употребувајќи гумени куршуми врз насобраните граѓани.