По концертите во Битола, Прилеп и Гостивар, годинешниот караван на фестивалот „Сепак се врти“ влегува во вториот викенд.
На југоистокот на државата, караванот во петок (9 мај) од 20 часот прво застанува во Струмица, во Домот на АРМ. „Голопланинци“ и пријателите најавуваат дека „ќе биде најжустро и најгласно досега“.
Вечерта стартува со „Lost in reverie“ – емо-рок бенд кој ја раскажува својата хаотична приказна преку уште похаотична музика испреплетена со елементи од различни жанрови, движејки се од поп-панк се до металкор.
Втор е Dimish. Иако релативно млада појава на музичката сцена, Dimish има едно чудо изданија, а музиката варира од панк-рок, па сè до инди-поп. Тој самостојно ја создава, снима и продуцира својата музика, и како што вели тој, со намера да допре до луѓето и да им помогне во тешките денови.
„Conspiracy“ се трети што ќе се качат на сцената во Струмица. Се работи за хеви/треш метал бенд од Скопје, формиран во 2016-та година.
„Под влијание на легендарни метал состави – како што велат тие – започнуваат со создавање на свој препознатлив звук, кој се карактеризира со брзи рифови и енергични настапи“, стои во најавата.
За крај во Струмица се „Peach Vice“ – жесток пост-пандемски бенд, роден од бурата на пред-пандемскиот човек.
„Метафизичко дијалектички битија, со потреба за хаос и бес, ширење позитивен гнев и желба за развивање (не)свест, бендот се оформува во конечната форма пред крајот на 2022-та година“, се вели во најавата.
View this post on Instagram
„Сепак се врти“ караванот следниот ден (сабота 10 мај) оди на северот на земјата во Куманово во НУЦК „Трајко Прокопиев“.
Таму на музичката агенда е триото „IVL”. Музиката на овој бенд, како што велат тие, доаѓа од таму кај шумат шумите, буките.
„Буката што ја прави ‘IVL’ би ја опишале како едно истражување на иднината на industrial и noise музиката, со желба да продолжат таму каде што Throbbing Gristle застанаа“, посочуваат организаторите.
„Сепак се врти“ можеби немаше да го има своето име ако не беше истоимениот стих од песната „Динамо“ на „Алембик“, дуо чија музика е обид за спој и реобмислување на различни музички жанрови. Тие користат експериментални и атипични начини на произведување звук преку алхемиска игра со музички елементи.
Во Куманово ќе свират и „КЕМ“ – најавени како мисловното бебе на четири слободни души, јавачи на топлиот морски ветар кој навестува брег.
„Македонски хип-хоп во soul форма, духовито, духовно, досетливо се присетува на животот во Вуковата јебина. Еден ден, Кате (К) појде по својот пат. Емир (Е) и Марче (М), со духот на промената во себе ја собраа старо-новата екипа. Пет борци, другари, шегобијци, мислители и љубители“, пишуваат организаторите.
Музичката листа се финишира со „Vagina Corporation“, бенд формиран во мрачното и сиво Скопје.
„Инспирирани од него, тие го создаваат својот звук, кој честопати нивните најголеми мразачи го нарекуваат Краут-Рок-Американа-Психоделија или скратено КРАП. Од друга страна, нивните соперници во музичкиот критички свет би ги нарекле повеќе Пост-Панк-Алтернатив-Рокабили-Краут или скратено ППАРК“, стои во најавата
View this post on Instagram
Скопје е последната станица за караванот, и воедно последен град за финале на годинешниот „Сепак се врти“. Во Скопје се најавени седум настапи, а стартот е во 13 часот на локација кај мостот „Гоце Делчев“, до Спомен куќата на Лазар Личеноски.
„точка (ком)“ се македонска амбиент фолк група со дигитално-религиозен манифест.
Дел од него гласи: „Македонија не е духовно јалова земја. И тука се вреднува искреноста и вирее љубовта кон животот. Живеат конструктивната критика и слободниот израз, светилник во смогот“.
„Taxi Consilium“ е духовно спојување на четворица добро етаблирани музичари на не-баш-финиот македонски џез етер, водени од вечната мудрост на искусните таксисти, кои лазат по пустите градски улици во 3 часот наутро.
„Нивната музика е олицетворение на полноќта. Човек-дувач на опијати кој ноќе е детектив, носејќи го во себе и надвор од себе лелекот на осамен бас кларинет, кој свири контрапункт на пригушените звуци на сексуален однос од другата соба“, објавија организаторите.
„Ендемски вид“ е „експериментален ВИС“ од Кавадарци.
Бендот, како што велат тие, претставува хибрид на тотално независен пристап кон музиката, од влијанија, преку начин на работа, сè до финалниот производ и од другата страна: тотално заразни мелодии, разиграни бас-линии, прагматични ритми и продорни вокали.
„Корка“ е млад, гласен петчлен бенд од Кочани, кој инкорпорира множество елементи од дисонантните нојз рок 90-ти и бурната алтернативна рок сцена.
„Со својот самонасловен ЕП кој ќе излезе наскоро, преку бучни рифови и нежни вокали ќе ви го претстават ужасниот живот на анти-херојот ‘Ристо’“, е најавата за „Корка“.
Ќе свират и „Мариналеда“, или бетонски склад.
„Не одбравме тука да се родиме, но сепак ќе направиме сѐ што можеме за да биде подобро! Ако ништо друго, со искрена музика. Тоа е Мариналеда. Дружба, музика и борба за подобро со уникатен и искрен пристап. Зборуваат со штурците и пчелите, со страст и љубов ја раскажуваат нивната приказна. Муви не ни требаат, не ни е досадно. Мариналеда – 38 прсти за вас. Во Скопје“, стои во најавата.
„Damage Control“- носи една нова перспектива на градот со турбулентни и енергетски висини, смирени низини и силни басови.
„Мешајќи елементи од сè живо и диво, успева да создаде една уникатна палета на електроника, хип-хоп, драм-ен-бејс и брејк-кор! Младото подземје, во Скопје“, најавуваат организаторите.
D.I.K е диџејско-дуо од Скопје, составено од M.I.K и Damage Control.
Нивниот звук, како што велат тие, се движи помеѓу електронската музика, диско, и други сродни жанрови, комбинирајќи суров ритам со емоционална длабочина.
„Активни се на скопската сцена, настапувајќи на настани и радио емисии, и постојано ја туркаат границата меѓу стиловите и енергијата на танцот“.
View this post on Instagram
Како што веќе пишуваше Радио МОФ, наместо целодневен музички настан на едно место, независниот музички колектив „Гола Планина“ годинава го тера фестивалот „Сепак се врти“ низ повеќе градови – во вид на караран – со што се здружи со истомисленици како „Пондер“, „Боилинг поинт“, „Гунгула“, „Ексцес фестивал“…
Целта, меѓу другото, е да се прикаже богатото македонско музичко оригинално творештво, особено на новиот бран уметници, а притоа да се пркоси на зачмаеното стоење во место со музика и другарство.
„Фестивалот е бесплатен, но за да ја продолжиме оваа иницијатива, ви препорачуваме да нѐ поддржите со донација, која ќе можете да ја предадете во соодветната донациска кутија. Таму ќе сме! Се гледаме. Препорачана донација: 300 денари“, посочуваат организаторите.
Доколку посетителите сакаат да поддржат фестот, а притоа да си обезбедат едно физичко парче фестивалски спомен, ќе има маички за продажба, повторно испечатени од неуморната дружина на „Партизанска штампа“.
Во продолжение, погледнете како беше на првиот ден од годинешниот фестивалски караван во Битола:
View this post on Instagram
Потоа во Прилеп:
View this post on Instagram
…а еве како беше и во Гостивар:
View this post on Instagram
Бојан Шашевски