Калифорнија стана прва држава во САД која ја забрани дискриминацијата по основ на природна коса

Калифорнија донесе закон со кој на работодавачите и училиштата им забранува дискриминација по основ на природната коса и стана првата држава од Соединетите Американски Држави со таква забрана.

Законот го потпиша гувернерот Гавин Њусом, со што во иднина ќе биде нелегално доколку се донесат правилници со кои се забрануваат одредени видови фризури, како афро или разни плетенки.

Сенаторката Холи Мичел, која го предложи законот, изјави дека тој претставува „инклузија, гордост и избор“.

„Овој закон ги штити правата на црнците од Калифорнија кои избираат да ја носат својата коса во природната форма, без притисок да се конформираат на евроцентристичките норми. Возбудена сум да видам културна промена која ќе биде обезбедена преку овој закон“, рекла Мичел, пренесува Си-Ен-Ен.

Гувернерт Њусом изјавил дека носењето на законот е многу „задоцнето“, но дека поголемиот дел Американци станале свесни за проблемот минатиот декември кога судија на турнир во борење во Њу Џерси нареди на црнец средношколец да ги потстриже плетенките од косата или да го предаде мечот.

„Ученикот морал да избира околу тоа дали сака да го загуби спортскиот натпревар, или идентитетот“, рекол Њусом.

Сенаторката Мичел објасни дека до пред некое време пребарување на интернет за терминот „непрофесионални фризури“ прикажувало само жени црнкинки со нивната природна коса и плетенки.

Покрај Калифорнија, сличен закон за забрана на дискриминација по основ на природната коса има предложено и во Њу Џерси и Њујорк.