Околу 800000 земјоделци и фармери во државата Калифорнија ќе можат да бараат дополнителен надомест доколку работат повеќе од осум часа на ден.
Гувернерот Џери Браун го потпиша новиот закон, со што земјоделците ќе можат да ја добиваат истата плата за прекувремена работа како и најголемиот дел од работниците во државата.
Калифорнија, која е најголем производител на земјоделски производи во САД, е прва држава која ќе ја воведе прекувремената плата за фармерите кои работат повеќе од 40 часа неделно.
Иако ова е огромна промена за Калифорнија, не е веројатно дека останатите американски држави ќе го воведат истиот закон, со оглед на тоа што во повеќето држави нема такви закони за самовработени фармери, вели Рос Пифер, директор на центарот за земјоделско право при Државниот универзитет на Пенсилванија.
Сепак, тој смета дека е можно новиот закон да влијае на соседните држави кои имаат слично производство како Калифорнија.
„Аризона, на пример, има огромно производство на овошје и зеленчук и многу зависи од земјоделците кои ги произведуваат овие добра“, вели тој.
Досега, повеќе од 800000 земјоделци во Калифорнија можеа да побараат надомест за прекувремена работа само ако работеле повеќе од 10 часа на ден, или 60 часа неделно. Новите правила ќе се спроведуваат во период од четири години, почнувајќи од 2019 година.