Животот во студенски дом е реалност за голем број идни академски граѓани од помалите средини, кои годините на образование ги минат во главниот град. Сместувањето многупати било предизвик, па дури и авантура во борбата за пристојно сместување, квалитетен оброк, топла вода или чист тоалет. Екипа на Мета.мк деновиве посети неколку студентски домови, посведочи за условите во кои живеат македонските студенти и поразговара со неколкумина од нив. Ги прашавме студентите и вработените за условите и животот во трите домови кои во моментот се во функција, „Гоце Делчев“, „Томе Стефановски-Сениќ“ и „Пелагонија“. Студентите коментираат дека има подобрувања во домовите, иако посакуваат уште подобри услови, кои според нив, треба да се случуваат побрзо и почесто, пренесува агенцијата Мета.мк.
Студентите во домот „Томе Стефановски – Сениќ“ велат дека генерално се задоволни од уловите, но посочуваат и на неколку проблеми кои и понатаму влијаат врз нивниот живот.
„Четврта година сум во домот и задоволна сум од условите. Собите се со тоалет и топла вода, во зима е топло, а храната е подготвена на лице место“, вели една студентка. Таа смета дека атмосферата е природна и позитивна, а долгогодишните станари велат и дека домот има душа.
Директорот на домот, Иван Симоновски вели дека раководството е свесно за предизвиците и активно работи на подобрувања.
„Старите бојлери ги заменивме со нови“, вели тој, а за исхраната додава дека вовеле мени со разновидна и квалитетна храна кое се менува секоја недела. Во однос на затоплувањето, Симоновски нагласува дека Сениќ се снабдува преку ЕСМ Енергетика и ретко се случува да нема парно греење додавајќи дека и кога ќе се случи, веднаш се реагира.
Како проблем дел од студентите го издвојуваат недостатокот на хигиената во ходниците. Според нив, некои студенти оставаат ѓубре и храна за мачки во ходниците што предизвикува миризба па не некои од нив им пречи. Чест проблем, според нив, е и тоа што треба да ги носат своите столчиња во читалната бидејќи нема доволно.
„Тоа преставува дополнителен товар во испитна сесија“, вели еден од студентите.
Главниот проблем, според директорот, е застарената инфраструктура, но посочува дека домот е во подготвителна фаза за реконструкција и се очекува обновата да биде завршена до академската 2027 година. „Целта е студентите да добијат модерен, функционален и достоинствен простор“, вели тој.
Позитивни коментари има и за комуникацијата со раководството. Студентите велат дека директорот и советот на станари се отворени за сослушување и критики, а вработените се љубезни и посветени. Но, има и поинакви мислења.
„Од минатата година немаше состаноци со директорот или советот, се надевам оваа ќе биде подобро“, вели еден станар. Друг станар нагласува дека не секој вработен обрнува доволно внимание за подобрувањето на условите за живот. Други, пак, посочуваат дека неодамна е избран нов совет на станари кој веќе одржал конститутивна седница. Симоновски, пак, вели дека со новиот совет комуникацијата е редовна и конструктивна, а досега се реализирани неколку иницијативи по барање на студентите.
И покрај забелешките, студентите генерално оценија дека условите за живот се задоволителни и дека подобрувањата се видливи.
Во студентскиот дом „Пелагонија“ со студентите разговаравме за неодамнешната појава на глодари. Тие велат дека проблемот бил пријавен до службите и оттаму брзо реагирале.
„Од тогаш нема глодари, но сѐ уште сметам дека е потребна детална дезинсекција и дератизација“, нагласува еден студент.
Директорот Орхан Алиу вели дека појавата на глодарите не бил изолиран инцидент туку последица од состојбата во градот.
„Слична беше состојбата во Скопје. Проблемот се реши, а секој месец правиме дератизација“, објаснува тој. Дополнува дека ѓубрето околу контејнерите било расчистено и очекува ситуацијата да не се повтори. Вели дека е можно некој да им кажал на студентите „од глувци ли се плашите“, но и дека тоа било само во една соба, па смета дека е преувеличено.
За проблемот со глодарите реагираше и платформата „Студентарија“, која пренесе сведоштва дека на студентите им биле дадени отрови за самите да се справат со ситуацијата. Директорот појаснува дека пријавата дошла навечер, па затоа бил даден отров „само како итна мерка“.
Студентите велат дека им недостига топла вода, паркинг и простории за дружење. Од Министерството за образование очекуваат повеќе внимание и инвестиции.
„Убаво би било доколку со помош на МОН се направат долгорочни вложувања“, велат тие.
Директорот смета дека генерално условите се солидни, а во однос на храната тој тврди дека нема поплаки додека најголем проблем е староста на зградите и цевките.
„Условите не се лоши, солидни се. Секоја соба има парно и топла вода, а за хигиената внатре си одговараат студентите. За храната не сме добиле поплаки, напротив, најчесто имало пофалби. Нам храната и хигиената ни се најсилна страна. Зградите се прилично стари, имаат стари цевки, но ги решаваме со топлификација“, вели директорот Алиу.
Главниот проблем, според студентите, е честата промена на директори на домот. Во последните две години се смениле четворица. „На секој од нив му треба време да се запознае со проблемите“, велат тие.
Позитивно ја оценуваат комуникацијата со советот на станари, но додаваат дека директорот треба да биде подостапен.
„Би било добро доколку директорот има отворен ден за разговор“, вели еден од студентите.
Директорот Алиу пак вели дека комуникацијата со советот е одлична. „Тие имаат барања во склоп на можностите и еднаш месечно имаме состанок“, додава тој.
Во однос на реконструкцијата, директорот смета дека државата треба да вложува повеќе, но дека процесот е веќе започнат.
„Државата може да обрнува и повеќе внимание, но добро е што е во план целосна реконструкција до академската 2027 година. Владата и МОН одржуваат редовна комуникација со нас. Секако дека може подобро, но треба да знаеме во која држава живееме“, вели тој.
Од студентскиот дом „Гоце Делчев“ и покрај нашите напори, досега не добивме изјави од студенти за условите, ниту пак за актуелната ситуација со лифтовите кои се расипуваат.
Директорот на домот „Гоце Делчев“, Александар Каровски, вели дека и покрај високата фреквенција на студенти, лифтовите се одржуваат редовно и реагираат веднаш кога ќе се појави дефект.
„Во домот има осум лифта, по два во секој блок. Поради големата френкфенција се случува некој лифт да се расипе, но редовно ги сервисираме штом се појави проблем“, изјави тој.
Каровски додава дека студентите годинава немаат пријавено проблем со топлата вода. „Топла вода има во секое време, оваа студентска година ниту еднаш не е пријавен проблем“, вели тој. Во однос на храната, посочува дека се работи според утврдените стандарди.
„Количината на храната е според норматив. Немаме реакции за количината и разновидноста“, нагласува директорот.


