Бунтовник преку ден, уметник преку ноќ – млад Сириец кој се занимава со улична уметност се обиде да го сврти глобалното внимание кон граѓанската војна во државата преку уметност.
Додека предградие на Дамаск се соочуваше со постојано бомбарирање и недостаток на храна, вода и струја, се појави несмасно нацртан мурал на ѕид кој останал од бомбардирана зграда.
На него е прикажано девојче кое стои на купиште черепи, пишувајќи само еден збор: надеж.
Делото го направи уметникот Абу Малик ал-Шами меѓународно познат и му донесе многу споредби со Бенкси. Како и Бенкси, тој е политички свесен уличен уметник, чии слики често се појавуваат преку ноќ, но пораките и сликите се прилагодени да зборуваат за катаклизмичната граѓанска војна во Сирија.
Во изминативе две години, од летото 2014 до 2016, неговите мурали се појавија на неколку локации низ Дараја, на 10 километри од центарот на Дамаск.
Пред војната да започне во 2011, уметникот, кој сега има 22 години, одел во средно училиште во Дамаск. Се приклучил кон антивладините протести во главниот град, и почнал да ги користи своите уметнички вештини на кои сам се научил за да ги шири револуционерните пораки.
Но, на почетокот на 2013 година, кога сѐ уште бил тинејџер, заминал во Дараја да се приклучи кон Слободната Сириска Армија, а со себе ги зел и своите блокови и боици.
На првиот ден во Дараја, вели дека научил да стрела со пиштол. На вториот ден бил пратен на фронтот. Дури подоцна, во 2014, го запознал уметникот Мајд, со псевдоним „Окото на Дараја“, кој го охрабрил да се испроба во уличната уметност.
Неговиот прв мурал, нацртан на урнатините на поголема куќа, прикажува девојче кое покажува кон срце – учејќи војник за тоа што е љубов, пред тој да оди во битка.
Да добива потребни материјали за своите дела на почетокот било голем проблем.
„Кога пристигнав во Дараја, бев сосема шокиран. Имаше огромно уништување насекаде, а во тоа време, режимот без особен распоред ги напаѓаше луѓето. Ситуацијата беше очајна, не можевме да ја издржиме. Сѐ се рушеше“.
Истото ја снашло и една од уметничките продавници во Дараја, која во 2014 била сосема разурната. Со дозвола од сопственикот на продавницата, Шами и други копале низ урнатините за да најдат боја и четки.
Се соочува и со ризик дека може некој да го застрела или да биде погоден од бомба, а Шами вели дека е особено ризично да работи на покриви.
„Најдоброто време е пред зајдисонце или изгрејсонце, или кога има мир во градот“, вели. „Некогаш мора да цртаме ноќе, па кога и да има полна месечина, го користам тоа време да сликам мурали. Понекогаш го користам и светлото на мојот мобилен телефон“.
Вели дека процесот многу го изморува. Секој ден се борел на фронтот, а можел да слика и црта само во слободното време.
Со текот на времето, Шами и неговите пријатели останале без боја. Во одреден момент имал само црвена, црна, зелена, жолта и кафеава. Неговиот пријател Мајд, кој го снабдувал со боја, бил убиен.
Извесен период во 2015 година престанал да работи поради повреда од битка. Во Дараја успеал да наслика 30 мурали.
Силите на сириската влада го окупирале градот во август. Заедно со стотици други жители, Шами побегнал во бунтовничкиот град Идлиб во северна Сирија.
Уличната уметност, особено графитите, траат особено кратко, што значи дека судбината на делата на Шами е непозната.
Затоа, пред да го напушти градот, ги фотографирал сите свои дела. Продолжува со работа и во Идлиб.