Јулска филмска ризница во Кинотеката: Класици и современи гласови што одекнуваат низ времето

Во јули, Кинотеката на Македонија подготвува богата и естетски разновидна филмска програма — вистински летен празник за сите љубители на седмата уметност, велат оттаму.

„Со внимателно куриран репертоар кој ги обединува безвременските холивудски класици и актуелни авторски остварувања, Кинотеката уште еднаш ја потврдува својата улога како културна институција што го негува филмското наследство и ја отвора вратата кон новите кинематографски визии“, пишува во соопштението.

На 2 јули (среда) во 20 часот, во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.

На програмата се филмовите „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев; и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.

Во срцето на месечната програма се наоѓа класичната скрубол-комедија „Филаделфиска приказна“ (The Philadelphia Story, 1940) на Џорџ Кјукор, со исклучителните Кетрин Хепберн, Кери Грант и Џејмс Стјуарт во главните улоги. Заснован на истоимената драма на Филип Бери, филмот раскажува за богата наследничка чии планови за брак се комплицираат со ненадејната појава на нејзиниот поранешен сопруг и новинар од таблоиден магазин.

Хепберн, која ја играше главната улога и во театарската верзија, ги откупува филмските права и го избира својот долгогодишен пријател Кјукор за режисер. Сценариото на Доналд Огден Стјуарт, кој добива „Оскар“ за адаптацијата, придонесува за остроумноста и длабочината на овој филм. Улогата на Џејмс Стјуарт му носи „Оскар“ за најдобар актер, а Филаделфиска приказна останува ремек-дело на романтичниот жанр, задолжителна лектира за сите што го ценат класичниот холивудски филм.

Филмската класика на Били Вајлдер „Булевар на самракот“ (Sunset Boulevard, 1950) претставува остар и интензивен коментар за суровоста на холивудскиот систем кон своите заборавени ѕвезди. Глорија Свонсон, во улогата на поранешната филмска дива Норма Дезмонд, создава иконичен лик на жена која не може да се помири со минливоста на славата. Репликата: „I am big. It’s the pictures that got small“, останува едно од најзапаметените и најцитираните сведоштва за ароганцијата, болката и илузијата што ги раѓа светот на филмот. Вилијам Холден, во улогата на младиот сценарист Џо Гилис, маестрално ја пренесува моралната амбивалентност на уметникот во борба со сопствените компромиси.

Филмот „Лаура“ (Laura, 1944) на Ото Премингер претставува врвно остварување во рамките на филмскиот ноар, обединувајќи мистерија, романса и психолошка интроспекција. Сценариото, визуелниот стил и музичката тема на Дејвид Раксин креираат атмосфера на длабока елеганција и наративна интрига. Лаура истражува теми како што се: опсесијата, идеализацијата и кревкоста на човечката перцепција, што го прават филмот релевантен и денес — осум децении по неговото создавање.

Покрај класичните наслови, програмата во јули содржи и неколку значајни современи филмови кои продираат длабоко во психолошките и општествените прашања на денешницата.

Дебитантскиот филм „Арманд“ на норвешкиот режисер Халфдан Улман Тендел, внук на Лив Улман и Ингмар Бергман, добитник на „Златна камера“ на Канскиот фестивал во 2024 година, претставува интензивна и вознемирувачка драма која ги истражува темите на родителската одговорност, општествените перцепции и менталната кревкост. Преку суптилен, но напнат наратив, филмот отвора прашања за довербата, јавниот морал и тишината што тежи повеќе од зборовите.

Ќе се прикаже и најновиот филм на иранскиот режисер Мохамад Расулоф, снимен во копродукција со Франција и Германија, е политички набиена драма која се случува во сенка на протестите во Техеран. Во центарот на приказната е Иман, новоименуван истражен судија, чие семејство се распаѓа под тежината на општествените превирања и авторитарната контрола. Филмот, награден на Канскиот фестивал и номиниран за „Оскар“, е моќен глас против тиранијата и интимен портрет на моралниот пад.

Филмот на полските автори Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт, пак, претставува трогателна и храбра приказна за трансродовиот идентитет и потрагата по лична слобода. Низ 45 години од животот на Аниела Весол, која живее како маж во конзервативен полски град, се отвораат теми за љубовта, стравот, отфрлањето и достоинството. Ова дело е суштински придонес кон современиот европски филм и глас за оние што често остануваат невидливи.

По повод 125-годишнината од раѓањето на големиот шпански и светски режисер Луис Буњуел, Кинотеката ќе оддаде почит кон овој мајстор на надреализмот, критичар на буржоаскиот морал и вечен провокатор. Буњуеловото дело останува бесценето сведоштво за силата на филмот како средство за разобличување на општествените лицемерства и потсвеста на човекот.

Целосната програма и распоредот се достапни на веб страницата на Кинотека.