Синдикатот на вработените во „Југохром“ утре иницира нов мирен протест. „Југохромци“ ќе изразат револт против, како што велат, неоправданото исклучување на печките на комбинатот од Јегуновце, па од 12 часот ќе ја блокираат крстосницата пред Судска палата.
По 13 часот предвидено е вработените да се упатат пред Инспекторатот на Министерството за животна средина, каде што ќе достават протестно писмо.
Со протестното писмо ќе ги упатат барањата кои беа искажани и пред 10-ина дена, кога „југохромци“ го блокираа автопатот Тетово – Скопје. Тогаш побараа повлекување на одлуката на Инспекторатот за животна средина за исклучување на печките на „Југохром“. Исто така, добивање статус на работниците додека не се рестартира фабриката, а побараа и од раководството да забрза со изградбата на филтер-станицата која успори поради „оддолжување на постапката за градежна дозвола“.
Додека траат протестите на вработените во „Југохром“, дел од медиумите објавија дека затворањето на комбинатот би траело само три месеци. Претходно, „Југохром“ бараше ново 18-месечно продолжување на законскиот рок и договорот да постави филтри за отпрашување, иако Владата и Министерството за животна средина на неколку пати за неколку години овозможија овој рок да биде „прескокнат“.
Фабриката и понатаму нема поставено соодветни филтри, а низ медиумите деновиве никнува прашањето „дали со затворање на Југохром ќе се намали катастрофалното загадување во Тетово“. Притоа, многумина нагласуваат дека со целосно затворање „Југохром“ меѓу 700-1.000 работници ќе останат без работа. Но, истовремено досега повеќе активисти и организации потенцираа дека овој факт се користи и како социо-економска „замка“, односно владата репризно го користи како главен аргумент за да го продолжи работењето и со тоа се промовора лош пример за безгрешност и неказнивост преку комбинатот, кој, според проценките, претставува еколошка бомба за околу 200.000 граѓани само од Полошката котлина.