„Југохромци“ не се откажуваат, бараат средба со Димитриев или ќе ги радикализираат протестите

Синдикалната организација на комбинатот „Југохром“ уште пред десет дена побарала средба со Емил Димитриев, а денеска го потсетија премиерот дека уште чекаат на состанок со цел да ги стават на маса прашањата за затворањето на комбинатот. „Југохромци“ упатија и своевиден ултиматум – ако не бидат примени од Димитриев, тогаш ќе ги радикализираат протестите кои се ставени во мирување.

„Ние 700 вработени во Југохром Алзар влеговме во 2017 година со најголема неизвесност, револт и незадоволство. Се чувствуваме изиграни како работници и измамени од некои институции, кои најпрво задоцнија со издавањето на неопходните дозволи за изведба на филтрите, а потоа наредија престанок со работа на печките. Југохром не работи два месеца. Со тоа степенот на загадувањето на Тетово не се намали, единствено вработените останаа без ангажман, без работа и без егзистенција“, пишува во барањето за средба.

Пред да преземеме други мерки, стои во барањето, „југохромци“ би сакале да се сретнат со Димитриев за да „разменат информации и да видат дали е можно проблемот да се реши по институционален пат“. Синдикатот очекува со помош на премиерот да се најде прифатливо решение со кое ќе се обезбеди сигурна егзистенција за работниците.