ЈП Дрисла се соочува со казна од 120 илјади евра за загадување на Маркова река

ЈП Дрисла Скопје се соочува со казна од 110 илјади до 120 илјади евра, а управителот со казна до 6 илјади евра, извести денес Владата.

Оттаму информираат дека државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка против правното лице ЈПДКО Дрисла Скопје и против управителот, пред Основниот кривичен суд во Скопје.

Причината за тоа, како што велат од Владата, е поради одбивање на потпишување на Записникот за спогодба од страна на директорот на Јавно претпријатие за депонирање на комунален отпад Дрисла Скопје, по извршениот вонреден надзор.

„Изречената казна следува по вонредниот надзор на Инспекторатот на 04 септември годинава, по дојава на граѓани од селото Батинци, за загадување на Маркова река во претпладневните часови. При вонредниот надзор, визуелно е утврдено дека има загадување на Маркова река со темно кафеава течност, но при надзорот не е почувствуван некаков мирис“, се вели во соопштението.

По контролата, од ДИЖС, земени биле мостри од три места за анализа на водите од Маркова река, како и една дополнителна мостра доставена од граѓани од Батинци, велат од Владата

„Наодите од визуелниот надзор и резултатите од акредитираната лабораторија која анализираше земени мостри, утврдија концентрации на загадувачки супстанци над дозволените гранични вредности и истите потекнуваат од исцедокот од депонијата“, посочуваат оттаму.