Во Пескара, Италија денеска, 29 мај, ќе се одржи италијанската премиера на „Јон Вардар против Галаксијата“, првиот македонски долгометражен анимиран филм. Премиерата е дел од реномираниот фестивал Cartoons on the Bay, кој го организира италијанската национална телевизија РАИ и се смета за водечки настан во областа на анимацијата, трансмедијата и визуелните уметности во Италија, пренесува агенцијата Мета.мк.
Филмот, во сценарио и режија на Гоце Цветановски, е селектиран во официјалната конкуренција и се натпреварува за наградата Пулчинела, едно од најзначајните меѓународни признанија за анимирани остварувања. Добитниците ќе ги одлучи меѓународно жири предводено од Роб Минкоф, ко-режисер на култниот филм „Кралот Лав“. Минкоф оваа година ќе добие награда за животно дело за неговиот исклучителен придонес кон анимацијата.
Фестивалот трае до 1 јуни и во својата програма вклучува филмски проекции, професионални работилници и дискусии со врвни уметници и продуценти од светската анимациска сцена. Присуството на „Јон Вардар против Галаксијата“ на ваков престижен настан претставува значаен чекор за македонската анимација и нејзината интернационална афирмација.
Арт директор на филмот е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а гласовите на ликовите ги позајмуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски. Филмот е реализиран со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.