Јавна проба – концерт на „Такси Конзилиум“ во „Јавна соба“

Во рамки на музичкиот концепт „Јавна проба“ преку кој секој четврток свои поинтимни концерти изведуваат македонски музичар/ки и бендови во скопскиот културен простор „Јавна соба“, овој четврток свој концерт ќе одржи бендот „Такси Конзилиум“.

„Јавна Проба“ е концепт, резултат на соработката помеѓу ПМГ Рекордингс и „Јавна соба.

„Такси Конзилиум (Taxi Consilium) е водечки состав на новиот бран на македонската џез сцена. Свежа и вибрантна, ослободена од рамките на самонаметнати канони и силно прогресивно настроена, оваа сцена бележи врвни историски резултати. Од доцните четириесетти, откога постои македонскиот џез, до денес не сме имале вака слободоумна, авантуристичка и потентна генерација“, велат од ПМГ Рекордингс.

Оттаму дополнуваат дека „Такси Конзилиум“ се наоѓаат на самата острица на новиот џез бран.

Во „Такси Конзилиум“ членуваат Филип Букршлиев – композитор и гитарист, кој е добитник на наградата „Најдобар млад џез музичар“ за 2021 година, доделена од Скопскиот Џез Фестивал.  Истата таа награда, една година порано ја добива и  Андреа Мирческа, која свири на контрабас.

„Списокот со имиња на бендот го довршуваат не помалку фантастичните Благојче Томевски на бас кларинет и веќе добро познатиот на нашата публика Драган Теодосиев на тапани. Нивниот студиски албум ‘The Essential Sunday Gloom, е прогласен за еден од најдобрите џез албуми во светот на музичката платформа Bandcamp во 2021 година“, истакнуваат од ПМГ Рекордингс.

Музичкиот концепт „Јавна проба“ започна со концерт на  пејачката Марија Каева во придружба на Дино Милосављевиќ (тапани) и Владан Дробицки (електроника). Концертот се одржа на 2 март.

„Јавна Проба“ е резултат на потребата за поширока презентација и промоција на квалитетна домашна авторска музика во полето на поп, рок и џез музичка сцена од различна генерација на веќе докажани музичари и надоаѓачки таленти кои издаваат и соработуваат со дискографската куќа ПМГ Рекордингс.