Јапонски научници открија нова бактерија што ја јаде пластиката

Научници во Јапонија открија нов вид на бактерија која може да ја јаде пластиката, откритие што може да помогне во решавање на проблемот со огромното загадување од пластика во светот.

Оваа бактерија целосно го разградува еден од најчестите видови на пластика наречен полиетилен терефталат (ПЕТ). Тоа е тип на пластика што често се користи за пакување на пијалоци во шишиња, козметика и апарати за чистење.

Резултатите, објавени во академското списание „Наука“ велат дека бактеријата позната како Ideonella sakaiensis ја разградува пластиката со помош на два ензима и ја хидролизира за да ја прекине првичната реакција и на крај создава основни блокови за раст.

Ова може да биде навистина добра вест за животната средина. Речиси една третина од целата пластична амбалажа завршува во природата и ја попречува инфраструктурата, предупредува Светскиот економски форум.

Во извештајот на Форумот, врз основа на анализа на 20 студии и интервјуа со 180 експерти, се вели дека само 14 отсто од пластичната амбалажа се собира за рециклирање и дека ќе има повеќе пластика од риби во океаните, пресметано во тежина до 2050 година.