Јапонски град утринава повторно отвори прометна улица која се сруши во огромна дупка пред само една недела. Дупката, која била широка околу 30 метри, а длабока 15, се појавила минатиот вторник во прометната бизнис област во југозападниот град Фукуока, „голтајќи“ дел од улица со пет сообраќајни ленти.
Дупката била предизвикана од градењето на подземна железничка линија во околината.
Јапонските градежни работници работеле неуморно изминатата недела, истурајќи огромни количини на мокар цемент и песок во дупката и поправајќи ја електричната инсталација и цевките за гас и вода кои престанале да функционираат после инцидентот. Откако дупката била санирана, за да се изгради нова улица им требале два дена.
Улицата била повторно отворена утринава, објави градоначалникот на Фукуока, Соичиро Такашина.
„Многу ни е жал што предизвикавме неволја“, изјавил Такашима, додавајќи и дека се укинува забраната за влез во околните згради.
Многумина на социјалните мрежи искажале зачуденост за брзата поправка.
„Изненаден сум што улицата е повторно отворена после само една недела“, напишал корисник на Твитер. „Импресивно!“.