Јапонскиот премиер Јошихиде Суга го назначи Тетсуши Сакамото за министер за осаменост. Тој со скратено работно време ќе работи на решавање на проблемот со осаменоста и изолацијата, кој стана сè посериозен со појавата на пандемијата.
Овој потег следи неколку дена откако извештај покажа пораст на самоубиствата во текот на 2020 година по деценија пад, со тоа што предничат самоубиствата меѓу жени и млади луѓе.
Според новите податоци, стапката на самоубиства кај жените се зголемила за 14,5 проценти, при што вкупниот број на самоубиства достигнал 6.976, што е највисоко во последните пет години, додека машките самоубиства паднале за 1 процент на 13.943 за 11-та година по ред.
„Жените страдаат од изолација повеќе (од мажите), а бројот на самоубиства е во пораст. Се надевам дека ќе ги идентификувате проблемите и ќе ги промовирате политичките мерки сеопфатно”, рече Суга на Сакамото.
Премиерот планира да одржи итен форум кон крајот на февруари за да ги сослуша експертите и да разговара за мерките за поддршка „за да се спречи социјалната осаменост и изолација и да се заштитат врските меѓу луѓето“.
Истражувачите велат дека жените во Јапонија имаат тенденција да работат во услужни и малопродажни сектори, па затоа се подложни на губење на работното место за време на пандемијата. Покрај тоа, тие обично имаат поголема тежина во домашните работи и грижата за децата. Пандемијата ги принуди да поминуваат повеќе време дома, па нивната состојба дополнително се влошила.
Стапката на самоубиства се движела пониско во првата половина на 2020 година, но од јули наваму, бројките почнале да растат, бидејќи влијанието на пандемијата на коронавирус се изразува најмногу во домот.
Октомври бил најлошиот месец бидејќи бројот на самоубиства достигнале 2.153, што е највисок месечен број во последните пет години. Бројот на самоубиства од жени, 851, се зголемил за 82,6 проценти во споредба со истиот месец во 2019 година.
Како непосреден одговор на податоците, официјален претставник на Министерството за здравство, труд и социјална помош пред новинарите изјави дека покрај поддршката за економијата и секојдневниот живот, јапонската влада „ќе ги прошири услугите за консултации и ќе воведе организации за поддршка на луѓето во неволја“.
Долги години во Јапонија психолошката помош беше стигматизирана, но кога самоубиствата достигнаа врв од 34.427 во 2003 година, креаторите на политики подготвија сеопфатна програма за превенција која започна во 2007 година.
Преку комбинација на владини и корпоративни напори што вклучуваа идентификување на ризични групи и обезбедување поголем пристап до советувања, самоубиствата се намалија на нешто повеќе од 20 000 во 2019 година, пред да се појави коронавирусот.
Извор: CGTN