Министерката за образование Весна Јаневска во интервју со Радио Слободна Европа смета дека не може да се исполни барањето на родителите на децата со атипичен развој за трајно вработување на образовните асистенти, затоа што потребите во училиштата се, како што вели, променливи. Специјални едукатори сведочеа како биле одбиени без образложение за позицијата, додека дел од родителите јавно посочуваа дека со честите промени на образовните асистенти се создава ризик за регрес во образовниот процес на нивните деца.
На прашањето како со новиот правилник ќе се реши барањето на родителите да не им се менуваат образовните асистенти, Јаневска порачува родителите да бидат мирни.
„Министерството, кое е надлежно за ресурсните центри кои што ги објавуваат конкурсите за образовни асистенти, комуницира, е во контакт и врши одреден надзор. Но, сепак, родителите треба да знаат дека најпрво училиштата пријавуваат колку образовни асистенти им се потребни. За тоа треба време, прво да се запишат децата, па училиштата да утврдат колку деца имаат со посебни образовни потреби за да можат да пријават до ресурсниот центар“, посочува Јаневска.
Таа нагласува дека образовните асистенти не се трајно вработени. Причината, вели Јаневска, е што потребите за образовни асистенти секоја година се менуваат. Ако се зголемат потребите, тврди дека МОН го зголемува и бројот на асистенти.
„Но факт е дека, Комисијата за функционална проценка оценува кое дете има потреба. А кога детето ќе постигне напредок, комисијата ќе оцени дека веќе нема потреба од асистент, што и е основната цел, на образованието но и во животот за детето кое има посебни образовни потреби да биде самостојно. Па некогаш, Комисијата ќе рече дека нема веќе потреба од образовни асистенти, а родителите сакаат и натаму образовен асистент, тоа е еден од проблемите со кои се соочуваме“, вели таа.
Според Јаневска, понекогаш родителите ги мешаат образовните асистенти со личните асистенти, а тоа не е така, личен асистент е сосема поинаква функција.
„Минатата власт заврши со 300 асистенти помалку од оваа година. Тогаш биле ангажирани да речеме околу 1.000 асистенти, а сега се ангажирани 1.876 за основно образование. Предвидовме, без да ја знаеме реалната бројка што ја очекуваме и за средно образование околу 150 асистенти и обезбедивме средства за нив. Штом ги добиеме финалните бројки, ќе продолжиме со процедурите за обезбедување образовни асистенти“, посочува таа.
На прашањето колку ресурсниот центар има податоци за тоа на колку од децата кои се запишуваат во училишта, ќе им биде потребна помош или не, колку и како луѓе се потребени за да се извади просек и тие да бидат тајно вработени за да им се олесни и на системот и на родителите, таа вели:
„Не е можно трајно вработување на образовните асистенти, затоа што бројките и потребите се променливи. И нема, како во минатото, да давам лажна надеж дека тоа утре ќе го решиме. Ако во иднина се појави можност дел од нив трајно да се вработат, со задоволство тоа ќе го прифатам“, нагласува Јаневска.
Министерката посочува дека во различни училишта бројот на ученици варира, а има отпор и кај асистентите, додека во другите држави тоа било поразлично, луѓето се помобилни.
„Луѓето кај нас се помалку подвижни, кога наставник ќе се вработи блиску до домот, не сака да се премести, иако на друго место има поголема потреба“, забележува министерката.
„Ако имаме паралелка со пет деца и наставник, дали е тука неопходен образовен асистент ако детето е со лесна попреченост. Не, замислата на претходните министри за тотална инклузија со која јас не се согласувам и постојано кажувам дека не се согласувам беше таа, дека сите деца траба да влезат во регуларните училишта и наставниците да работат со нив, и после се присетија дека им треба и образовни асистенти па ги вклучија и нив“, нагласува Јаневска.
Таа вели дека во училиштата, не во сите, но ќе вработат, има дефектолози, педагози, социјални работници, психолози – тие се дел од стручната служба што треба да помогне.
„Тие треба да се вклучат во овие работи. Ако во моментот нема асистент, некој од овие стручњаци треба да ја преземе потребната задача“, посочува Јаневска.
Инаку, бидејќи ова е исклучително осетлива тема и им значи и на родителите и на учениците, вели таа, директорите на ресурсните центри не се променети.
„Тие се директори кои ги постави претходната власт. Исклучително многу ја ценам нивната стручност и искуство, и знаев дека промена на директорт на ресурсен центар може да биде силен потрес. Ние сите се договоривме дека тоа не е добро и дека тие треба да останат. Верувам дека тие имаат големо искуство и дека ќе се справуваат со поединечните проблеми, оти тоа е нивна работа. Не може министерството да се справува со поединечен проблем, ниту министерот кој има бескрајно многу обврски треба да се справува со тоа. Министерот ќе се справува со поединечните проблеми тогаш кога Центарот нема да може да го реши“, кажа министерката во интервјуто со РСЕ.