Министерката за образование Весна Јаневска смета дека образованието е најдобриот механизам за подигнување на свеста кај младите за здравите навики и грижата кон личното здравје.
„Нашиот воспитно – образовен систем е структуриран така што здравствената писменост е застапена во сите одделенија во редовните предмети, посебно во „природни науки“, а од оваа учебна година воведовме и нов изборен предмет во VII одделение „Учам за моето здравје“ и со поддршка на Светската здравствена организација изготвивме упатство за наставници за начинот на предавање на материјата која опфаќа и аспекти посветени на здравствените последици од користењето тутун и електронски цигари“, рече Јаневска на регионална работилница на тема „Јакнење на соработката меѓу медиумите, експертите и институциите за подобри политики за контрола на тутунот и заштита на јавното здравје во Западен Балкан“, организирана од „Аналитика Тинк Тенк“.
Говорејќи за мерките кои се спроведуваат на национално ниво како дел од превентивните политики, министерката издвои дека годинава со законски измени основните и средните училишта се задолжени покрај програми за заштита од насилство, злоупотреба и запуштање на ученици, спречување дискриминација, малолетничка деликвенција и слично, да спроведуваат и програми за превенција од злоупотреба на алкохол и тутун, злоупотреба на дроги и други психотропни супстанци.
„Во новата учебна година МОН и БРО заедно со Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал и Меѓународната федерација Лајонс Клуб ќе обучат 50 стручни соработници и 150 наставници во 50 основни училишта за реализација на превентивната програма ‘Вештини за адолесценција’. Станува збор за структурирана програма, која е базирана на докази, за превенција од користење на цигари, дрога и алкохол и која досега со успех е имплементирана во 105 земји од целиот свет“, додаде министерката.
Нагласи дека секогаш постои простор за унапредување на здравствената писменост во училиштата и дека институциите работат во таа насока.
„Образованието е жива материја и се прилагодува на времето и трендовите. Имам очекувања дека токму од оваа работилница, споделените различни искуства и практики ќе помогнат сите ние да ги надградиме националните политики“, рече Јаневска.
Како што информираат од МОН, на работилницата чија цел е да поврзе претставници на медиумите, истражувачите, институциите и меѓународните партнери, да поттикне посилна соработка и да ја истакне важноста на мерките за контрола на тутунот засновани на докази во согласност со приоритетите за интеграција во ЕУ, покрај претставници на државните институции и граѓанскиот сектор во земјите од регионот, учествуваа и професори од Факултетот за јавно здравје при американскиот универзитет „Џонс Хопкинс“.