Изводите од матично ќе се вадат електронски и поштар ќе ги носи до дома

Од денеска стартува проектот за достава на изводите од матична евиденција на домашните адреси на граѓаните, кој беше најавен како соработка меѓу Управата за водење на матичните книги и АД „Македонска пошта“ Скопје.

За почеток проектот стартува во Скопје, а потоа и во останатите градови низ Македонија, за што e најавено дека граѓаните дополнително ќе бидат информирани. За оваа цел, Управата за водење на матичните книги и АД Македонска пошта Скопје, склучија Меморандум за соработка, што подразбира достава на документите од матична евиденција на домашна адреса на граѓаните, најдоцна до 72 часа од моментот на аплицирањето на веб страната на Управата- www.uvmk.gov.mk.

Начинот на аплицирање е едноставен. Потребно е да ја посетите веб страната www.uvmk.gov.mk и преку посебен безбедносен систем што ги гарантира заштитата на личните податоци, да ја пополните табелата и да ја испратите до Управата .

Поштарот, по информацијата на Управата за водење на матичните книги, дека бараниот извод е готов, го подига од Управата и го доставува на домашна адреса на граѓанинот, најдоцна во рок од 72 часа. Надлежните уверуваат дека системот на добивање на изводи од матичната евиденција е безбеден, каде личните податоци на граѓаните се максимално заштитени.

Не се предвидени дополнителни трошоци за бараниот извод, туку остануваат исти како кога изводот да се бара и на шалтерите на Управата. Она што граѓаните треба да знаат за ваквиот вид на аплицирање за изводи од матична евиденција, е дека тоа треба да го сторат лично и не може да го нарачаат за друго лице. Што се однесува до правните субјекти како што се нотарите, адвокатите и извршителите , тие мора да прикачат на апликацијата полномошно од лицето за кое вадат документ од матичната евиденција.

Македонските државјани кои живеат во странство, преку дипломатско- конзуларните претставништва на Република Македонија, може да аплицираат за изводи од матичната евиденција, а доставата на овие документи е преку редовните линии за меѓународен поштенски сообраќај на АД Македонска пошта Скопје.