Извинете деца – немаме милиони за вашите градинки, ќе ги потрошиме на тоа да не се омажат Перо и Марко!

Референдумот на кој Хрватите ќе гласаат за тоа дали бракот во уставот да биде дефиниран како заедница исклучиво меѓу маж и жена, деновиве во Хрватска предизвика безброј дебати и бранувања во јавноста. Здружението „Во име на семејството“ собра околу 700 илјади потписи, што според Владата се доволен број за распишување на референдумот.

Фото: Јутарњи лист

Проценките се дека организирањето на референдумот против геј браковите ќе ги чини Хрватите најмалку 40 милиони куни (повеќе од пет милиони евра). Ваквата одлука предизвика огромен број на реакции кај граѓаните кои во голема мера сметаат дека референдумот е „хомофобичен“ и „непотребно трошење пари за глупости“. Во продолжение прочитајте едно од писмата на граѓаните на Хрватска, објавено во „Јутарњи лист“.

„Верувајте драги деца, дека некои работи ни се поважни од болниците и лековите за вашите баби.

Драги деца! Простете што во моментов не сме во состојба да ги поправиме училиштата и градинките, ни требаат милиони евра за Перо да не се омажи со Марко!

Доколку родителите не ви се вработени, тогаш имаат среќа и не се грижат таванот од училиштата да не ви падне на глава бидејќи ве чуваат во својот ладен дом.

Драги деца, не е лесно да се порасне и да се носат закони но верувајте, се работи за ваше добро.

Ако случајно ни пројде овој закон Перо да не смее да се ожени со Марко, не се грижете, драги деца, сите оние кои мака мачат да живеат со еден родител, ќе настојуваме да ги стрпаме во домови, за да живеат во мир, слога и љубов.

Простете ни драги деца што во моментот немаме пари за вашите мајки, вашите татковци, баби и дедовци. Се надеваме дека се здрави и се добро и дека, барем оние здравите, имаат се уште сила да копаат по контејнерите и да најдат по некое пластично шише.

Ако пак се случајно болни, жал ни е што немаме доволно кревети и цитостатици, но веруваме дека ќе разберете, ние имаме многу поважни работи во моментот од болничките кревети и лековите.

Се трудиме и хрватскиот јазик да не изумре, не е тоа лесно, драги деца. Баш во моментов смислуваме колкава ќе биде казната некој ако каже баба наместо дедо.

Како што гледате драги наши деца, постојат многу работи кои ни се многу важни и се трудиме да бидеме едно напредно општество и да ви оставиме една преубава и богата Хрватска.

Немојте драги деца да бидете бесни, неблагодарни и злобни!

Колку можеме, се трудиме да покажеме со пример како треба да се живее, за вас го уредуваме овој подобар свет, мудро и паметно смислуваме и носиме закони, само за на вас да ви биде подобро. Затоа драги наши деца, верувајте им на возрасните кога кажуваат дека немаат пари за вашите градинки, училишта или болни баби и дедовци.

Се нема децаа!

Светлата Влашиќ, Пула

Погледнете го и видеото со кое повеќе актери, уметници и други јавни личности од Хрватска, на креативен и ироничен начин, ги повикаа граѓаните да гласаат против предлогот на референдумот во уставот бракот да биде дефиниран како заедница исклучиво меѓу маж и жена.