Извидниците собираат средства за реновирање на домот „Чичко Боро“ на Китка

Првиот извиднички одред во Скопје започна онлајн кампања преку платформата „Гоу фанд ми“, со која собира средства за реновирање на извидничкиот дом „Чичко Боро“.

Се работи за шумски дом кој се наоѓа на 35 километри од центарот на Скопје, на планината Китка, Мала Река на 950 мнв. Природата изобилува со густа шума и многу патеки за прошетки и велосипедизам.

Стотици извидници во изминатите четири години го користеле овој простор за развивање тимска работа, учеле за природата, планинареле и учеле вештини за преживување.

Целта на онлајн кампањата е да се соберат 6000 долари за да се догради трета соба на вториот кат, да го заменат таванот и стариот дрвен под и да купат кревети на спрат.

„Ова ќе и овозможи на групата да собере повеќе млади луѓе на безбеден и удобен начин во следните години“, стои во кампањата.

Куќата е изградена во 1930-тите и е рустикална. Таа беше донирана на извидничката единица, која се погрижи за средување на кујната, бањите, подрумот и подобрување на изолацијата.