Изведба на музиката на Битлси во џез ритам во Салонот на МОБ

Во сабота (26 ноември), со почеток во 20 часот, во Салонот на МОБ ќе се одржи џез концерт, насловен како ZJM Jazz Orchestra plays the BEATLES (Битлси со Џез оркестарот на ЗЏМ).

Вклучени се изведби на композиции од познатите Битлси, овој пат преработени со џез аранжмани на Алан Бејлок, Мајк Кроти и Мајк Холобер, кои на музиката на најпопуларниот поп-рок бенд од 60-тите и 70-тите години ѝ даваат еден поинаков и покомплексен призвук.

На прорамата ќе бидат изведени познатите теми како Can’t buy me love, Get Back, Hard Day’s Night, Hey Jude, Lady Madonna и многу други. ЗЏМ Џез Оркестарот, кој постои од формирањето на Здружението на џез музичари и слободни уметници, е составен од 17 релативно млади македонски џез музичари со веќе изградени кариери, кои повеќе години музицираат во земјава и надвор од неа, членувајќи во различни музички состави.

Ова ќе биде нивно прво претставување пред македонската публика во ваков состав, a за оваа прилика специјално е повикан австрискиот диригент Сиги Феигл, кој предава на Универзитет за музика и изведувачки уметности во Грац и веќе долги години работи со Биг Бенд состави ширум Европа.

Цената на билетиот за концертот изнесува 500 денари.