Хуманитарниот брод „Мадлин“ кој превезуваше храна, млечна формула и медицинска помош кон појасот Газа ноќеска во 3 часот е нападнат од израелската војска. Екипажот, составен од активисти од коалицијата „Флотила на слободата“ меѓу кои и Грета Тунберг е киднапиран, а хуманитарната помош конфискувана.
View this post on Instagram
„Израел нема законско овластување да ги притвора меѓународните волонтери на бродот ‘Мадлин’. Оваа заплена очигледно го крши меѓународното право и ги побива обврзувачките наредби на МСП кои бараат непречен хуманитарен пристап до Газа. Овие волонтери не се предмет на израелска јурисдикција и не можат да бидат криминализирани за доставување помош или оспорување на нелегална блокада – нивното притворање е произволно, незаконско и мора веднаш да заврши“, рече Хуваида Араф, адвокат за човекови права и организатор на „Флотилата на слободата“.
Организацијата вели дека Израел повторно дејствува со целосна неказнивост, ги прекрши обврзувачките наредби на Меѓународниот суд на правдата за непречен хуманитарен пристап до Газа, ги игнорираше меѓународните закони што ја штитат цивилната пловидба и ги отфрли барањата на милиони луѓе ширум светот кои повикуваат на прекин на опсадата и геноцидот.
„Овој последен чин на агресија следува по неказнетиот израелски напад со беспилотни летала врз нашиот претходен брод, ‘Совест’ (Conscience), во кој беа повредени четири цивилни волонтери, а бродот беше онеспособен и гореше во европските води. Тој неиспровоциран напад го прекрши меѓународното право. Сега, Израел повторно ескалираше со таргетирање на друг мирен цивилен брод“, истакнуваат тие во соопштението.
Според Тан Сафи, исто така организатор на „Флотила на слободата“, владите во светот молчеа кога „Совест“ беше бомбандиран, па сега Израел повторно го тестира тој молк.
„Секој час без последици го охрабрува Израел да ги ескалира своите напади врз цивилите, хуманитарните работници и самите темели на меѓународното право“, нагласува Сафи.
Организацијата бара крај на нелегалната и смртоносна опсада на Газа, итно ослободување на сите киднапирани волонтери, итна испорака на хуманитарна помош директно до Палестинците, независно од контролата на окупаторската сила и целосна одговорност за воените напади врз „Мадлин“ и „Совест“.
„Владите мора да ги исполнат своите обврски според меѓународното право и да престанат да ги дозволуваат злосторствата на Израел. Ние сме непоколебливи. Ќе пловиме повторно. Нема да застанеме додека не заврши опсадата и Палестина не биде слободна“, посочуваат од „Флотила на слободата“.