Министерството за надворешни работи нa Израел соопшти дека земјата ја депортирала активистката Грета Тунберг, еден ден откако бродот кој таа го придружуваше на пат кон Газа беше запленет од израелската војска, пренесува агенцијата АП.
Министерството соопшти дека Тунберг заминала со авион за Франција, а потоа продолжила кон нејзината родна Шведска.
Тунберг беше една од 12-те патници на бродот „Медлин“, кој превезуваше хуманитарна помош за Газа и имаше за цел да протестира против тековната војна на Израел и да ја истакне хуманитарната криза во палестинската територија, според „Флотилата на слободата“ (Freedom Flotilla Coalition) – групата која стои зад ова патување.
Од таму денес посочија дека Тунберг е депортирана со уште три лица, додека другите осум (од вкупно 12), остануваат „присилно притворени“.
„Израел ги третира сите 12 како да нелегално влегле во земјата — иако беа насилно киднапирани од меѓународни води и против своја волја доведени во Израел. Оние што не се согласија да ја напуштат земјата остануваат во притвор и ќе се појават пред суд. Нашите адвокати ќе бараат нивно ослободување и правото да ја продолжат нивната законска хуманитарна мисија. Но, знаеме дека таканаречениот ‘правосуден систем’ на Израел постои за да го одржува апартхејдот, окупацијата и колонизацијата — а не за да обезбеди правда. Очекуваме трибуналот на крај да наложи нивна присилна депортација“, стои во објавата на „Флотилата на слободата“.
View this post on Instagram
Израелската морнарица го запленила бродот без инциденти во понеделникот наутро, на околу 200 километри од брегот на Газа, според коалицијата и организации за човекови права, кои велат дека израелските постапки се прекршување на меѓународното право.
Амнести Интернешнал изјави дека Израел го прекршува меѓународното право со поморската акција и повика на итно и безусловно ослободување на активистите.
Израел, пак, изјави дека неговите постапки се во согласност со меѓународното право.
Израел го опиша бродот како ПР-акција, нарекувајќи го „јахта за селфи“. Израелски претставници изјавија дека флотилата носела „оскудна“ помош, во количина помала од еден камион со стока.