Во вторник вечерта во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје беше отворено третото издание на групната изложба „Професори и студенти“, пренесува агенцијата Мета.мк.
Изложбата е отворена од 17 до 30 јуни и прикажува дела од областа на ликовната и применетата уметност кои ги изработиле професори и студенти од факултетите и школите од Скопје, Тетово и Штип.
На оваа веќе традиционална годишна изложба претставени со дела изработени во различни уметнички техники, од сликарство, скулптура, дигитални медиуми, моден и внатрешен дизајн, фотографија и инсталација.
„Една од необичните карактеристики на оваа изложба е приказот на способноста на професорот да предизвика емоции и мисли што ќе ги надминат границите на очекуваното или секојдневното и со тоа ќе го инспирира студентот за истражување на нови хоризонти“, напиша проф Кирил Пенушлиски во воведот на каталогот на изложбата.
Дел од изложените дела претставуваат резултат на соработка меѓу студенти и нивните ментори, или пак серии на дела кои се надоврзуваат едно на друго.

Проф. д-р Гордана Вренцовска пред своето дело „Духот на ќилмот“ (горе лево) и магистерскиот труд на Ана Камчева за интегрирање на источно-македонскиот вез во современ моден дизајн, во комбинација со маски од Петар Јовановски, дел од проектот „Лицата на македонскиот фолкоризам“. Фото: Мета.мк
Според Пенушлиски, ова обединување на различните уметнички дисциплини ја рефлектира богатата и разновидна сцена на современата македонска уметност, додека заедничката изложба на дела на професори и студенти ја прикажува и поврзаноста помеѓу академската заедница, наставниот програм и уметничкото изразување.
Организатор на изложбата е МКЦ со поддршка на Град Скопје, а учествуваат Факултетот за дизајн и мултимедија при Американскиот универзитет на Европа, Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – Скопје, Факултетот за уметност и дизајн при Интернационалниот балкански универзитет – Скопје, Универзитетот „Мајка Тереза“, Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот во Тетово.

Дизајн на костими од доц. м-р Медина Хоџа за Тетовскиот театар, на изложбата „Професори и студенти“ во МКЦ на 17 јуни 2025. Фото: Мета.мк
„Оваа заедничка групна изложба може, а и треба, да отвори врата за една поголема размена на искуства, наставни програми, ликовни техники и уметнички пракси, преко што ќе се збогати ликовниот пејсаж на Република Македонија“, заклучува Пенушлиски во својата рецензија.