„Пионери“ на 27 април (утре, среда) го отвора својот изложбен простор со групната изложба „Уметница“. Идејата зад изложбата е да ги презентираат и поддржат новите и надежни женски уметници од Балканот и пошироко, жени кои успеваат да се истакнат со својот нов уметнички израз, голема продукција на слики, меѓународна продажба и изложби во сопствената земја и во странство.
„Во денешно време е јасно дека за успех во уметноста, едновремено е неопходна и умешност во бизнисот. Како што Вирџил Аблох има изјавено „Животот е толку краток да не смееш да потрошиш ниту ден потчинувајќи се на она што другите го мислат за тебе, наспроти она за кое знаеш дека можеш да го направиш“. Веруваме дека Калина, Зулејха, Емилија, Ена, Вања можат да направат сé. И да триумфираат притоа“, велат од „Пионери“.
„Пионери“ е онлајн и физичка галерија лоцирана во Скопје (улица „Гогоганов“ 74а), која ги спојува новите визуелни уметници и вљубениците во уметноста.
Изложбата се отвора од 19 од 22 часот и ќе биде достапна за јавноста до 15 мај. Работното време на галеријата е вторнио до сабота, 13 – 19 часот, но може да се погледне и со закажување во друго време.
Изложбата ќе може виртуелно да се погледне на платформите Артси и Пионери.