Изложба на студентска графика на Факултетот за ликовни уметности

Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, студиската програма по графика и Фондацијата „Драгутин Аврамовски-Гуте“, по 29-ти пат организира студентска изложба. Изложбата ќе се отвори во четврток, (14 април), во 20.00 часот, во галеријата на факултетот, која се наоѓа во зградата на Педагошкиот факултет.

Ќе бидат изложени графики на 50 студенти, а оваа година за првпат како гости на изложбата, со неколку графики учествуваат и студенти од „Аристотел“ Универзитетот во Солун. Исто така, ќе бидат изложени плакати дизајнирани за овогодинешната изложба од страна на студентите од четврта година кои ја посетуваат наставата на модулот Графички дизајн.

На отворањето на изложбата ќе бидат доделени еднократна парична награда од Фондацијата „Драгутин Аврамовски-Гуте“ и еднократна парична награда од Сетком трејд за најдобро изведено графичко дело во учебната 2015/16 година. Наградениот студент/ка ќе добие и едногодишна стипендија.

Целосната организација на оваа изложба е реализирана од Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Фондацијата „Драгутин Аврамовски – Гуте“ ја доделува истоимената награда од 1988 година, кога за првпат постхумно е доделена. Досегашни добитници на наградата се: Виолета Чаповска, Валентина Стефановска, Дејан Стојановиќ, Александар Прилепчански, Гордана Даутовска, Оливер Мусовиќ, Весна Величковска, Давид Георгиевски, Милан Андов, Александар Тасески, Александар Димовски, Јован Јовановски, Марија Најденовска, Даниела Јордановска, Гоце Трајковски, Елена Стојанова, Никола Арсовски, Македонка Величковска, Андријана Начевска, Маја Ковачевска, Горан Трпков, Милан Костадиновски, Никола Бојаџиев, Ана Јовановска, Мила Трендафиловска и Марко Илиевски.

Студентската изложба ќе биде отворена за јавноста до 25 април.