Изложба на најдобрите постери од конкурсот „Citizen 2020“

Централниот настан на шестиот „Скопје Постер Фестивал“ ќе се одржи вечерва во Младинскиот културен центар, каде ќе бидат соопштени имињата на авторите на најдобрите постери од конкурсот „Citizen 2020“.

Изложба на најдобрите постери од конкурсот „Citizen 2020“

Организаторот на „Скопје Постер Фестивал“ Лазе Трипков на денешната прес-конференција информира дека на конкурсот пристигнале вкупно 1.920 постери од 38 држави од светот. Жирито составено од Мирко Илиќ, дизајнер и илустратор од САД, претседател и членовите Небојша Гелевски-Бане од Кома дизајн студио и Франсоа Каспар, претседател на Француската алијанса на дизајнери селектирало 190 плакати, од кои 42 се финалисти.

„ЕУ ја прогласи 2013 за година на правата на граѓаните. Ние кога го поставивме конкурсот размислувавме многу поглобално на сето тоа и добивме многу квалитетни дела“, рече Трипков.

Според Илиќ, се работи за интернационален фестивал кој е многу важен, особено за младите и за студенти од оваа средина.

Небојша Гелевски-Бане истакна дека овој фестивал носи големи ѕвезди од речиси сите континенти и дизајнери од Македонија.

Фестивалот, кој почна на 18 октомври, а ќе трае до 15 ноември, ќе понуди презентации и работилници на светски реномирани графички дизајнери, изложба на постери од годинашниот конкурс „Citizen 2020“ и изложби на членовите на жирито. Вечерва ќе биде отворена изложбата на Марко Илиќ, кој утре ќе одржи предавање.

Во рамки на фестивалот, предвидени се три награди по 500 евра или доаѓање во Република Македонија и седум почесни награди.