Изложба на Јован Јосифовски и промоција на роман на Петар Андоновски вечерва на Викенд на гордоста

Шестиот ден од Викендот на гордоста Скопје 2020 од 20 часот ќе понуди изложба на младиот македонски уметник Јован Јосифовски, со наслов „Низ ножици“.

Во кафе барот „Шортбас“, пак, во 21 часот ќе биде промовиран романот на современиот писател Петар Андоновски – „Лето во кое те нема“, издание на ИЛИ-ИЛИ. Романот ќе го промовираат Румена Бужаровска и Ирена Цветковиќ.

„‘Низ ножиците’ е изложба на фрагменти, парчиња, исечоци, делчиња, купени/употребени/најдени предмети, различни димензии и рамни површини, интензитети и потези, лузни од лични истории и рани од повредите на класното искуство, лизгачки означители, скинати и прелепени цртежи, контрапункти, синкопи, крикови на бес и политички револт, на страв, стигма и срам, но и задоволства на превртениот срам, на сетилни допири и контакт кои одбиваат да станат органи, или на тела без органи“, стои во најавата за изложбата.

Токму овие аспекти на колажната техника, се вели во најавата, му овозможуваат на Јосифовски громогласно да се смее и критикува, остро со потегот на ножиците.

„Колажните фрагменти и парчиња на Јосифовски изнесуваат на виделина аспекти на нашата мрачна сегашност, ги разоткриваат угнетувачките гестови зад бетонските универзитетски ѕидови, го изместуваат чистото и светото на религијата во валканите секрети од задоволствата на сексот, ги пакуваат раните од конфекциската машина и капиталот на текстилната индустрија, бесрамно го абортираат истоштувачкиот бипартиски тридецениски систем на македонската политичка сцена, и ни ја разголуваат играта со карти на профитерските моќници и нејзините катастрофални еколошки последици итн“, се вели во најавата на изложбата Јован Јосифовски.

„Лето во кое те нема“ е роман за внатрешните борби, за отуѓеноста меѓу партнерите, за истрајноста во барањето на вистината. Но, и роман за семејството и провинцијата.

„Раскажан во прво лице, романот нѐ воведува во љубовниот триаголник меѓу тројца поранешни пријатели. Протагонистите, обидувајќи се да се ослободат од товарот на минатото, сфаќаат дека тоа е возможно само доколку се соочат со него. ‘Лето во кое те нема’ е отпор насочен кон лажниот морал и лагите што секојдневно ни се сервираат како неприкосновени вистини“, соопштуваат организаторите на Викенд на гордоста.

Инаки, фестивалот е во организација на Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, во партнерство со Музејот на современа уметност, а се реализира со поддршка на Фондацијата Heinrich Böll Stiftung, Фондацијата отворено општество Македонија, Европската унија во рамки на меѓународниот проект ВРЕМЕТО Е СЕГА, и ИЛГА-Европа.

„Како и целата програма на фестивалот, отворањето на изложбата ќе одговори на протоколите пропишани за одржување на јавни настани заради состојбата со пандемијата, каде ние како организатори во соработка со институциите, ќе внимаваме да се почитуваат целосно“, велат од Викендот на гордоста.