„Влажна симболична меѓуигра“ се вика графичката книга на Марија Трајаноска и Ѓорѓи Митревски, која утре (11 септември, четврток) од 20 часот ќе биде промовирана во Мобилната галерија во Паркот на Франкофонијата.
Како што соопштуваат организаторите, „Влажна симболична меѓуигра“ нуди невообичаен поглед на интимната комуникација помеѓу два карактери. Овие карактери во различни ситуации, кои се исполнети со несвесни емоции и жестоки контрасти, се вплетуваат во бескраен дијалог, создавајќи неизмерни интерпретации на човечките интимни состојби.
„Секоја сцена е цртана интуитивно, без било каква предумисла, одразувајќи ги основите на надреалистичкиот принцип наречен ‘прекрасен труп’“, стои во најавата.
На настанот постетителите ќе имаат можност да учествуваат во креирањето нова ликовна „книга на посетители“ базирана врз истиот творечки принцип. За учеството во овој креативен процес не се неопходни никакви ликовни предзнаења.
Книгата е печатена во сито печат, за што беа задолжени од „Партизанска штампа“.
Проектот е финасиски поддржан од Министерство за култура и туризам и Општина Центар.