Излегува нов месечник „Филм плус“ – афирмативен и субверзивен третман кон филмот

Денеска во овие услови кога филмот и во светот се наоѓа во криза, а посебно во Македонија, кога за филмот немаме речиси никаква критичка мисла, кога и печатените медиуми се во криза, а се околу филмот се сведува на одење во мултиплексите, ние се одлучивме на овој навистина ризичен чекор, стои во воведникот на „Филм плус“ на Сунчица Уневска, која заедно со Влатко Галевски се уредници на ова долго очекувано филмско месечно списание во Македонија.

Како што велат иницијаторите, „Филм плус“ е првиот месечник, но и воопшто првото филмско списание во Македонија. Списанието ќе го промовираат во понеделник (17 октомври), во 20 часот во „Менада“.

На 48 колор страници, првиот број на „Филм плус“ донесува најмногу теми поврзани со македонскиот филм. Во „Филм плус“ има рецензии за најактуелните филмови, во него се промовирани наши млади таленти, има разговор со филмски работници чија професија најчесто не е во прв план, а донесува и репортажа директно од филмски сет.

„Ќе се обидеме да придонесеме кон позитивни промени, пред се’, со објективни, аргументирани, но ’жестоки’ текстови“, велат иницијаторите на списанието.

Долгодишната филмска критичарка и новинарка Уневска потенцира дека прават филмско списание и се обидуваат да го вратат местото на филмот онаму каде што заслужува да биде – меѓу најважните уметности на 20 и 21 век, која, како што вели, неспорно има најсилно и најмасовно влијание на публиката.

 Насловната страна од првиот број на „Филм плус“

Насловната страна од првиот број на „Филм плус“

„Но, ние нема да правиме ниту историски текстови, ниту анализи за местото на филмот денеска, тоа е толку апсолвирано. Не, ние многу ентузијастички и со голема љубов ќе се обидеме да го вратиме филмот низ текстовите во нашето списание и низ третманот, кој прво на филмот му го даваме ние, а потоа и вие. Ќе се обидеме ’Филм плус’ да биде класичен месечник, со се` она што е актуелно и се` она што на едно такво списание му го дава вистинскиот шарм“, најавува Уневска во воведникот на „Филм плус“.

За списанието да ја исполни својата цел, односно да придонесе кон позитивни промени, додава таа, најважно е да пишуваат и за позитивните и негативни работи, а првенствено да бидат објективни.

„Тоа, се разбира, е и нашата цел, да бидеме афирмативни, но истовремено и субверзивни, да зборуваме за она што е добро, но и за она што е лошо, да се обидеме да ги вратиме или пак, да ги воведеме вистинските критериуми кон нештата. Познато е дека зачмаената средина не оди никаде, ’Филм плус’ ќе се обиде да не го дозволи тоа“, стои во воведникот на Уневска во „Филм плус“.

За уредувачката концепција за новиот филмски месечник, авторите образложуваат дека „да се има едно вакво списание говори за богат, критичен дух кој води сметка за сопствената култура, за нејзините придобивки и за нејзината иднина“.

’Филм плус“ ќе се обиде со својот сериозен и функционален пристап да придонесе кон сето тоа и да создаде таква клима, во која за филмот ќе се зборува, ќе се полемизира, ќе се бара начин да бидеме релевантни и рамноправни, како овде, така и во светот’, велат авторите, образложувајќи дека во списанието ќе се најдат разни интервјуа со голем автори, дебитанти, професори од важни филмски школи, ќе бидат покривани филмски фестивали, застапени рецензии на актуелни дела или класици од светска и домашна сцена, одбележувани важни филмски годишнини, култни сцени…

Инаку, освен уредниците Уневска и Галевски, како соработници во „Филм плус“ се вклучени и Гордана Блажевска, Васко Маглешов, Тони Димков. Во првиот број има есеј од Димитрие Дурацовски. Планот е секој број да има есеј од различен автор. Дизајнот е на Златко Пармаковски. Списанието е во издание на ИЛИ-ИЛИ, а се печати во печатницата „Бранко Гапо“.

Б.Ш.