Наташа Неделкова, Крсто Глигорјадис и Мила Добревска се финалисти за наградата „Денес“ која се доделува за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во Македонија до 35 години од организацијата Факултет за работи што не се учат (ФРУ) во соработка со Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“, резиденциската програма „Residency Unlimited“ (RU), Њујорк и фондацијата „Trust for Mutual Understanding“, Њујорк.
Наградата „Денес“ се доделува на годишно ниво на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување и е единствена награда за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во земјава од овој вид.
„Оваа значајна и независна награда, покрај двомесечната програма за престој на уметници во Њујорк во ‘Residency Unlimited’, вклучува и други новини и резиденции. ‘Денес’ исто така овозможува и уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност насловен ‘Совршениот уметник’, да имаат средби и презентации со интернационална жири комисија и да продуцираат ново дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата“, истакнуваат од ФРУ.
Отворениот повик траеше од 17 април до 31 мај, 2025 година и се пријавиле дваесетина кандидати. Финалистите ги избра жири комисијата во состав: Хитоми Ивасаки, директорка на Одделот за изложби и главна кураторка во Квинс музејот, Њујорк; Рона Копецки, кураторка и историчарка на уметност, уметничка директорка на галеријата acb во Будимпешта, со-основачка на „Easttopics“; Ѓорѓи Десподов, мултидисциплинарен уметник од Македонија кој живее и студира во Хаг, Холандија, добитник на наградата „Денес“ за млад визуелен уметник (2023).
„По овој процес на избирањето на финалистите, следува подготовка на групна изложба со нивни дела која ќе се отвори на 2 декември 2025 година во Националната галерија на Република Северна Македонија – Чифте амам кога ќе биде соопштен и добитникот/чката на наградата ‘Денес’, односно резиденцијален престој во Њујорк во периодот февруари – март 2026 година, како и наградите за останатите двајца финалисти“, додаваат од ФРУ.
Изјавите на жири комисијата за финалистите ги пренесуваме во целост:
„Работејќи во широк спектар на медиуми, од колективно реализирани инсталации и (предавања) перформанси до партиципативни аудиовизуелни дела, уметничката и истражувачка Наташа Неделкова ги истражува темите на ментални нарушувања, лажни вести, исцрпеност од труд во времињата на капитализмот, родова нееднаквост и, паралелно со нив, начини за отпор, контра-акција, смирување и редефинирање на постоечките структури, норми, однесувања и навики кои го еродираат нашето секојдневие. Нејзиниот социјално свесен, политички и економски критички пристап е концептуален разгранок кој делува како чувствително и комплексно огледало на нашата сегашна фрагментирана човечка состојба.“
„Перформативната пракса на Крсто Глигорјадис ги спојува ритуалот, митот и критиката на родот во патријархалниот контекст на Балканот. Работејќи преку различни дисциплини и црпејќи од своето образование во правото, педагогијата и визуелните уметности, тој го користи телото како простор на ранливост, отпор и трансформација. Неговите дела — длабоко лични, а сепак со политички набој, го деконструираат машкото преку симболични гестови, терапевтски ритуали и колективно учество. Глигоријадис ја поканува публиката во простори на исцелување и интроспекција, каде срамот станува сила, а наследените норми се преосмислуваат преку грижа, емпатија и отелотворен дијалог.“
„Скулптуралните дела на Мила Добревска го исполнуваат пресекот меѓу репрезентативното и апстрактното, дводимензионалноста и тридимензионалноста, визуелното и физичкото. Вклучувајќи разновидни тактилни материјали во скулптури во човечка големина, нејзините дела даваат форма на емоции и идеи кои инаку се визуелно неуловливи — темперамент, чувствителност и его — додека ,,Македонска жена” е составена од високо апстрактни форми што се суспендирани во воздухот. Игрива и динамична, праксата на Добревска нуди енергична арена за облик, боја и супстанца за да го ,,претстави” начинoт на кој човештвото напредува.“
Досегашни добитници на наградата „Денес“ се: Марко Гутиќ Мижимаков. Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ, Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија), Славица Јанешлиева.