Изборите ја поместија државната матура, Народниот правобранител реагира

Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар информираат дека екстерните испити од државната матура во учебната 2015/2016 година во јунскиот испитен рок ќе се реализираат порано од минатата учебна година, на следниве дати:

  • мајчин јазик и литература на 4 јуни 2016 година;
  • математика на 9 јуни 2016 година;
  • странски јазик на 13 јуни 2016 година;
  • физика, хемија, биологија, бизнис, историја, филозофија и естетика на 15 јуни 2016 година

Во исто време, датите за матурските испити се поставени уште порано – од 23 до 31 мај, поради закажаните предвремени парламентарни избори на 5 јуни.

Народниот правобранител Иџет Мемети реагира на одлуката на Министерството за образование и наука – во соопштението од Правобранителот се наведува дека одлуката не е во согласност со Законот за средно образование и со подзаконските акти и е спротивна на Конвенцијата за правата на детето. Правобранителот го повикува министерот за образование и наука да ја повлече одлуката.

„Промената на рокот за полагање на државната матура, во услови кога редовната настава за матурантите завршува на 20 мај, претставува груба повреда на правата на учениците, на кои исклучително им се скратува времето за подготовка за полагање на овој испит, со што уште еднаш се потврдува дека воопшто не се води сметка дали промената негативно ќе влијае врз натамошното образование на ученикот, ако се има предвид дека оценките од државната матура битно влијаат врз успехот на ученикот, а со тоа и добивањето бодови за запишување на високообразовните институции“, се вели во соопштението.

Народниот правобранител смета дека одржувањето на предвремените парламентарни избори не треба да влијае врз образованието на учениците, ниту да биде причина за промена на роковите за полагање на државната матура. Од таму реагираат и поради тоа што учениците не се прашани за оваа одлука, ниту е побарано нивно мислење, иако станува збор за активност која директно се рефлектира врз нив самите и нивното натамошно образование.