Италија ги озакони истополовите граѓански заедници

Долниот дом на италијанскиот парламент вчера го изгласа законот со кој се правно се признаваат истополовите заедници, со што Италија стана 27-та европска земја што го прави овој чекор. За да стапи на сила, законот треба да го потпише претседателот Серџо Матарела.

Со ова Италија престанува да биде единствената западноевропска земја која не ги признава итополовите граѓански заедници. Владата во Рим беше под долготраен притисок да го донесе овој закон, главно од Уставниот суд на оваа земја, но и од Европскиот суд за човекови права. Реформите често беа попречувани од Ватикан и од конзервативните политичари.

„За многумина, денеска е ден за славје“, напиша на социјалните мрежи премиерот Матео Ренци, неколку часа пред законот за помине на гласањето во Парламентот, со 372 гласа „за“ наспроти 51 против.

Одлуката на законодавното тело наиде на поздрав од организациите за ЛГБТ-права, како и од организациите за човекови права.