Половина од младите во Македонија немаат доверба во полицијата, а една четвртина од нив воопшто не веруваат во оваа институција. Скоро 60 проценти од граѓаните на возраст од 18 до 29 години истовремено сметаат дека корупцијата во полицијата е присутна се до највисоките нивоа.
Ова го покажува истражувањето на јавното мислење на граѓаните за полицијата, кое го спроведе тинк-тенк организацијата Аналитика. Анкетата е дел од регионалниот проект „Пулсот за полицискиот интегритет и доверба на Западен Балкан“.
Во споредба со другите институци, полицијата сепак има најголема доверба помеѓу македонските граѓани. Тие имаат најлошо мислење за парламентот и судството, институции во кои воопшто не веруваат половина од граѓаните.
„Полицијата е огледало на државата и клучно за својата легитимност е таа да ја има довербата на граѓаните, бидејќи е многу тешко да се воспостави интеракција со граѓаните доколку таа доверба не постои. 58,5% од граѓаните воглавно или потполно имаат доверба во оваа институција, но не треба да се занемарува фактот дека скоро една четвртина одговорија дека апсолутно немаат доверба во полицијата, што е висока бројка и треба да се работи на нејзино намалување“, вели Филип Стојковски, истражувач во Аналитика.
За вработување во полицијата, македонските граѓани сметаат дека клучни се политички врски (41,2%), пријателски и роднински врски (20,6%) или подмитување (4,3%). Само 12,3% од нив сметаат дека во оваа институција се вработува преку јавен конкурс.
Според занимањата, 84 % од студентите веруваат дека полицијата е севис за заштита на интересите на владата, партиите или највисоките луѓе во полицијата, додека само 16% од нив веруваат дека полицијата е сервис на граѓаните. 54% од сите граѓани сметаат дека полицијата најмалку работи во служба на граѓаните.
„Од овие резултати гледаме дека граѓаните сметаат дека политиката влијае во работата на полицијата. Полицијата треба да биде еден граѓански модел и Македонија има многу да учи за овој модел од многу земји од светот. Значи полицијата треба да применува поблаг пристап со граѓаните, од организирање безбедности протести до најмалку значајните работи. Граѓанскиот модел треба да биде приоритет во реформите на полицијата за да се подигне процентот на граѓани кои мислат дека политиката веќе нема влијание во работата на полицијата“, рече Мартин Манасков истражувач во анкетата.
Граѓаните ја гледаат сообраќајната полиција и најблиските соработници на министерот за внатрешни работи како најкорумпирани сектори во полицијата, додека подобро мислење имаат за специјалните полициски единици и полицајците задолжени за јавен ред и мир.
Во врска со невладиниот сектор, граѓаните сметаат дека тие треба да соработуваат со државата во борбата против корупцијата.
Граѓаните полицајците најчесто ги опишувале како добри, додека во помал процент нивната асоцијација за нив е арогантен однос и демонстрација на моќ и сила.
Истражувањето паралалено беше спроведено од регионалната мрежа ПОИНТПУЛС во шест земји од регионот: Албанија, Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина. Ставовите на граѓаните за довербата во институциите во овие земји не се разликуваат премногу. Сепак довербата во полицијата е најмала во Македонија, додека најголема е во Црна Гора.
Анкетата во Македонија е спроведена во април, телефонски, на примерок од илјада испитаници.