Истражување: Добивање покани за пријателство на Фејсбук го продолжуваат животот

Научниците кои ги проучуваа активностите на Фејсбук, со статистиката на морталитет помеѓу гласачите на Калифорнија, регистрираа дека луѓето кои добивале голем број покани за пријателства на оваа социјална мрежа имале многу помали шанси за смрт во период од две години, отколку оние кои не добивале.

Сепак, испраќањето покани за пријателство немал никаков ефект на нивото на смртност.

Истражувањето, објавено во официјалниот журнал на Американската Академија на Наука, упатува на длабоки и сложени врски помеѓу односите помеѓу луѓето, здравјето и нивните социјални врски – и личните и онлајн.

Еден од авторите, Џејмс Фаулер, од општествените науки на Универзитетот во Калифорнија во Сан Диего, поминал години проучувајќи ја врската помеѓу здравјето и социјалните мрежи од реалниот живот, вклучувајќи и како среќата и дури дебелината може да се шират низ нив. Но тој и колегите се запрашале дали и онлајн мрежите можат да се поврзат со здравјето на луѓето.

„Знаевме долго време, со децении, дека офлајн социјалните мрежи, особено интеграцијата, се поврзани со подолг живот. Но не знаевме дека тоа, исто така се однесува и на онлајн интеракциите“, вели за Вашингтон Пост, авторот Вилијам Хобс од Универзитетот Нортистерн.

За да се подложи ова прашање на голем и релевантен примерок, истражувачите напле 12 милиони фејсбук корисници и ги споредиле со официјалните статистики на Калифорнија, како и со базата на податоци на гласачите од оваа американска држава. Податоците биле анонимни и научниците провериле колку од нив починале во следните две години. Сите луѓе во истражувањето се родени помеѓу 1945 и 1989 година и се споредувале со луѓе од иста возраст и пол.

Истражувањето, на изненадување на научниците, открило дека нема никаква врска помеѓу бројот на покани за пријателство кои луѓето ги праќаат со нивниот животен век. Но имало видлива врска помеѓу бројот на покани за пријателство кои ги прифаќаат и колку долго живеат.

Луѓето кои добивале и прифаќале најголем број покани за пријателство имале 34% помала шанса да умрат од оние кои добивале и прифаќале помалку покани за пријателство.

Помал ризик за смрт имале и оние луѓе кои постирале многу слики кои прикажуваат интеракции од реалниот живот – знак дека интеракциите лице во лице се поврзани со подобро здравје. Другите активности покажале измешани резултати – умерено пишување постови и испраќање пораки биле поврзани со помала смртност, но пишување на многу малку од нив немало никаков резултат.

„Научниците долго време укажуваа дека проширувањето на социјалните врски може да го подобри здравјето на луѓето, поради добро познатата врска помеѓу јачината на социјалната врска и доброто здравје. Но истражувањата на интеракциите од реалниот свет не може јасно да покаже кој од двајцата иницирал пријателство, а тоа очигледно е клучно“, вели Фаулер.

Научниците сепак појаснуваат дека студијата покажува само корелација, но нема начин да се утврди која е причината. Можеби здравите луѓе добиваат посилни социјални врски, а не обратно. Можеби се работи и за непознат фактор кој влијае и на здравјето и на јачината на социјалните врски.