Истекува рокот за искористување на ваучерите за домашен туризам

Утре истекува рокот за искористување на ваучерите за домашен туризам во вредност од 6.000 денари, кои беа дел од Третиот сет мерки на Владата за справување со последиците предизвикани од пандемијата со Ковид-19, информираат од Министерството за економија.

Гостите кои користат ваков ваучер, како што информираат од ресорното министерство, ќе треба да бидат одјавени од сместувачките капацитети најдоцна до утре, 15 декември.

„Хотелиерите кои што имаат гости кои што користат ваучери за туризам ќе треба најдоцна до 18.12.2020 година до Министерството за економија да достават фактури за плаќање, по што до крајот на годината ќе им бидат исплатени средствата од искористените ваучери“, стои во соопштението на министерството.

Оттаму посочија дека бил поделен 117.531 ваучер, односно, на вработените граѓани кои во периодот од јануари до април годинава не оствариле вкупни нето приходи од плата и надоместоци поголеми од 60.000 денари.

Но, како што потенцираат тие, заклучно со денешниот ден, биле искористени 61.648 ваучери од вкупно 100.336 ваучери кои биле доставени на валидни е-маил адреси.