Исечено зеленило кај ГТЦ, директорот на „Паркови“ тврди дека ќе биде најубавото катче во Македонија

„На таа локација немаше дрвја, туку грмушки. Некој во градов, во државава решил тука да се постави осветлување, рефлектор или слично. Внимателно е копан каналот бидејќи постои можност да се прекине кабел, меѓутоа невнимателно е копано кај садниците, бидејќи се комплетно оштетени, деградирани. Остатокот од грмушките го отстранивме, а ќе направиме катче кое ќе биде најубаво во цела Македонија“.

Вака директорот на ЈП „Пакови и зеленило“, Душан Авировиќ одговора на прашањата на Радио МОФ за довчерашната зелена локација кај ГТЦ (на аголот кај некогашен „Стоилко“), за која неколку медиуми пишаа дека сега се испосечени дрвја.

Според Авировиќ, тој дел е надвор од паркот „Жена-борец“, и е во сопственост на ГТЦ. За таму е планиран нов проект. Тој требало да содржи нови садници кои, тврди директорот, ќе бидат многу поквалитетни од грмушките.

„Договорено е да се направи еден прекрасен амбиент, што ќе биде готов за 20-ина денови. Вие новинарите треба да се позанимавате и со позитивни работи, како за активностите за новиот парк ‘Жена-борец’, дека и таму е извршено одредено кроење на садниците, дека прв пат во историјата се поставени системи ‘капка по капка’. Реконструирани се патеките, што не е наша надлежност. Со сите зафати ќе се добие еден комплентно нов и реконструиран парк“, вели Авировиќ.

Тој тврди дека „медиумите ретко пишуваат дека се засадени преку 5.000 садници низ општините“. Садено е и на потегот од Треска до Глумово, во општина Ѓорче Петров, покрај Лепенец, а во припрема е Зелен катастар кој „ќе ги изненади сите во Скопје, особено медиумите“.

„Се пишуваат неосновани работи дека нема доволно зеленило, а Светската здравствена организација (СЗО) вели дека еден град се смета за ‘зелен’ доколку има 9 метри квадратни по глава на жител. Скопје ги задоволува сите критериуми. Ако прошетате од потегот на раскрсницата ‘Климент Охридски’ до Гологанов“, до кружниот тек кај Католичка црква, од десната страна ќе видите 10 суви дрвја. Едно такво дрво има и пред Клубот на пратеници. И, сега, ако ги пуштам луѓето да ги исечат тие суви дрвја – ќе биде ‘експлозија’ во цела држава. Бев на саем во Белград, и можам да кажам дека во делот на хортикултура Белград може да ни носи вода. Меѓутоа во делот на дрвја се подобри од нас, бидејќи низ градот не видов ниту едно суво дрво. Тоа кај нив не се поставува како проблем, туку како нормална појава, бидејќи не може да живее 250 години. Постојат дрвја како дивите костени кои можат да живеат до 500 години. Меѓутоа, липата има животен век од 70 години, кај нас се засадени уште пред да се родам. Деградирани се, но се наоѓаат на многу атрактивно место, пред Клуб на пратеници. И јас морам да стојам мирно, да не го сечам дрвото, бидејќи вие новинарите од тоа ќе направите театар. Затоа, сето што сечеме – сликаме“, тврди Авировиќ.

Инаку, по сечењето на зеленилото кај ГТЦ, со реакција се појави општина Центар. Од таму го осудија „последниот потег на Град Скопје да ги исече зимзелените садници на потегот од Триумфалната порта до ГТЦ“.

„Се работи за оформени, високи и здрави садници, кои го красеа овој дел на централното градско подрачје веќе триесетина години. Ова беше единствената зелена оаза која се наоѓаше сред бетонот. Садниците се исечени од ЈП ‘Паркови и зеленило’, со налог од Град Скопје. Несфатливо е кому и зошто му пречеше зеленилото кое го красеше просторот и беше место за починка на граѓаните. Општина Центар  не беше ниту известена за ова несфатливо уништување на зеленилото. Повторно укажува приоритет на општинското раководство  е задржување на постојното и засадување ново зеленило и дрвја. Во периодот од доаѓањето на новото раководство и на Андреј Жерновски за градоначалник , обновени се 70.000 м2 зелени површини и засадени се 255 нови дрвја“, соопштуваат од Центар.

Од Град Скопје, пак, со соопштенија реагираат на натписите во медиумите и општина Центар. Според нив, на ова место се искастрени неколку грмушки од видот taxus baccata, а не дрва.

„Стручните служби од ЈП ‘Паркови и зеленило’, по извршен увид оцениле дека истите се делумно исушени и треба да бидат отстранети. Во наредниот период екипи на јавното претпријатие ќе пристапат кон целосно хортикултурно уредување на овој простор. За жал, ова е уште еден смешен обид на Општина Центар, во недостиг на идеи, проекти и поголеми резултати, да се наметнат во јавноста и да бидат тема на разговор“, се вели во соопштението од Град Скопје.

Б.Ш.