Француското село Баун ги изненади возачите овој месец со низа испреплетени бели патни линии на главната раскрсница и на неколку други улички.
Градоначалникот на регионот вели дека линиите биле поставени со цел да ги охрабрат возачите да возат побавно на местата каде ограничувањето на брзината е 20 километри на час, но возачите често знаат да возат и со тројно поголема брзина.
„Станува збор за населено место со 1.700 жители во кое се вкрстуваат три главни регионални патишта. Луѓето возат брзо и комплицирано е да ги натерате да забават и во тоа не помагаат сообраќајните знаци“, вели Жан Чарлс Проно, градоначалникот на месноста Лори-Отион, група на седум села, меѓу кои е и Баун.
Тој додава дека целта било да „се направи тешко да се прочита околината“, односно „да се направат ситуации кои ќе им го привлечат вниманието на возачите“. Градоначалникот вели дека на дискусија со локалните избрани политичари се предложило и поставување лежечки полицајци, но дека такво нешто не било направено бидејќи таквите направи знаеле да бидат многу гласни за една селска средина.
Бизарната сплетка на патот предизвика бројни реакции во локалните медиуми и на социјалните мрежи, па многумина се прашуваат зошто регионот се одлучил на ваква сообраќајна сигнализација и дали воопшто смеат да направат такво нешто.
Бројни корисници на социјалните мрежи го критикуваа потегот, тврдејќи дека линиите повеќе ќе ги збунат возачите, отколку дека ќе ги натераат да возат побавно.