[Интервју] Катја Штркова Кочовска: Убавото не треба да се гуши во дефиниции

Катја Штркова Кочовска е графички дизајнер и фотограф, чија изложба „Во текстури“ се отвора вечерва во галерискиот простор на Тутунска банка. Ова е нејзина втора самостојна изложба, но прво концептуално изложување. За изложбата, градовите и личните очекувањата таа зборува во краткото интервју за Радио МОФ.

Зошто „Во текстури“? Од каде доаѓа името на изложбата?

Искрено, околу името бев во недоумица подолго време. Сакав да биде кратко, да не открива многу и да ги обединува сите фотографии. Текстура е воедно и форма и чувство.

Изложбата се состои од 40 црно-бели фотографии, снимени во изминатите три години. Започнавте да ги правите фотографиите со намера за изложба, или обратно – пасијата ве доведе до таа идеја?

Целиот проект ми дојде сосема спонтано, исто како и за претходната изложба во 2012 година. Сосема непланирано, почнаа да ме привлекуваат глетки со геометрија, помалку или повеќе. Како што поминуваше време, увидов дека имам некаков концепт во кого ми се допадна нишката што ја поседува, па од спонтано пронајдени локации, стигнав до стадиум каде секој викенд посетував однапред испланирана и пронајдена локација која според мене е идеална за следна „текстура“.

Што сѐ се најде пред вашиот објектив во текот на тие три години? Што може да видиме на изложбата?

Главно станува збор за екстериери, детали од објекти, ентериер… А, ако прашањето се однесува на тоа кои локации се фотографирани, не би сакала да откријам пред да се погледне поставката.

„Поднаслов на „Во Текстури” е „Јас и градот”, каде „ЈАС” е секоја единка во општеството, како и истовремено портрет на самиот автор и неговото видување на една средина“, пишува во поканата за настанот. Колку е овој проект одраз на вас, на средината во која живеете и творите?

Скопје е мал град. Токму затоа што е толку мал, почнуваш да бараш и нешто ново во него, и ќе те изненади навистина, само треба да видиш. Неплански со Скопје си комуницирав на друг, поинтимен начин, за и малото да ми стане поголемо.

По професија сте графички дизајнер. Фотографијата е хоби, надополнување на вашата кариера како дизајнер, или се работи за медиум преку кој можете креативно да се изразите?

Со фотографијата се запознав многу порано отколку со дизајнот. На неа сум „закачена“. И таа ми е прва љубов, и хоби, и плус во професијата и медиум.

Што е за вас дефиниција на убавото, што ве мотивира да го овековечите преку фотографија?

Немам дефиниција за убаво. Не знам дали „убавото“ треба да се гуши во дефиниција. Убавото е чувство и тоа е највредното што може да биде.

Стефанија Тенекеџиева