[Интервју] Југослав Петровски: Тешко е да направиш театар на апсурдот, кога тој ни е секојдневие

Југослав Петровски е драмски автор и режисер, чии дела биле предмет на негодување на властите и на обиди за цензура. Неговата драма „Евангелие по Јуда“ предизвика силни реакции од страна на МПЦ, која го екскомуницираше и бараше претставата да не се изведува. Сепак, неговите дела се изведувале во многу земји низ светот и тој е добитник на бројни награди. Петровски сега ја поставува „Телетабиси“, протестна претстава со која директно го критикува режимот во Македонија, а чија премиера ќе се одржи утре. Во интервју за Радио МОФ, тој зборува за претставата, театарот и бесмисленото општество во кое живееме.

Добитник сте на „Шекспирова награда“ за драмски текст во Лондон, а вашите драми веќе некое време се играат само надвор од границите на земјава. Што ве натера токму сега да направите „камбек“ на сцената?

Мислам дека ова беше вистинскиот момент. На нас неколкумина бунтовни уметници, ни здосади да чекаме некој да го запали светлото во овој моментален мрак, па решивме самите да најдеме оган и да фрлиме светло. Моменталната ситуација во Македонија и сето она што се случуваше последната деценија во оваа земја се обидовме да го отсликаме во овој театарски чин. Не се работи само за претстава, туку и за еден вид на бунт на нас уметниците кон состојбата во земјава.

Од извадоците од драмскиот текст кои успеав да ги прочитам, може да се види дека метафората и суптилноста се сосема напуштени, а наместо нив постои директно именување и исмевање. Во време на сеопшта цензура и замолчување, зошто се решивте на таков чекор, кој во вакви времиња се смета за храброст?

Кога влегуваш во ринг, не треба да влезеш со балетска сукњичка. Во ринг се влегува со боксерски ракавици. Мислам дека и моментот, и самиот наслов, а и темата која ја обработуваме во оваа пиеса изискуваат таков јазик. Работите треба да се именуваат со вистинското име и да се опишат онака како што навистина се. Подолго време имавме проблем токму со тоа – нештата да ги наречеме со нивното вистинско име и не сакам пак да ја направиме истата грешка. Овде не може да се претера, текстот во оваа пиеса е 70-80 отсто преземен од она што веќе сме го слушнале од ткн. „бомби“, од јавните настапи на политичарите… Тоа е само сублимирано и стилизирано и сервирано пред публиката како живо месо, како некоја вивисекција на нашето живеење денес во Македонија.

Актерот Горан Ников како Газда Горан во „Телетабиси“

Актерот Горан Ников како Газда Горан во „Телетабиси“

Секојдневието и дискурсот неретко ни заличуваат на пародија. „Телетабиси“ е пародија, или пак е поблизу до исечок од дневните вести на националните телевизии?

Тоа зависи од начинот на кој ги перцепирате работите. Кога некој гледа вести на Сител, може слатко да се изнасмее, некој се внесува во тоа, некој тоа го пропратува со пцости, а некој „се пали“ и го повторува тоа што го слушнал. Сѐ зависи од дистанцата и начинот на кој ги восприемаш нештата. За жал, во Македонија денес се живее апсурдно. Тешко е да се направи театар на апсурд, бидејќи апсурдот ни е присутен во секојдневното живеење. Еден мој пријател ми рече дека кога овој текст би се превел на друг јазик и би го читал некој во странство кој не ја знае политичката ситуација во Македонија, би рекол: „Овој автор имал толкава фантазија што претерал, ова не може да се случува никаде, освен во неговата глава“. А, поголем дел од работите во претставата се директно преземени од она што ни се случувало во последните десет години, особено во последната. Апсурдното во сето ова е всушност начинот на кој ние живееме денес. Кога би нѐ набљудувал некој од страна, веројатно би му изгледале како некој чуден циркус.

Зошто одлучивте „Телетабиси“ да биде бесплатна?

Тоа беше одлука на целата екипа. Сакаме до крај да бидеме чесни, и оваа претстава-протест ја подаруваме на македонскиот народ. Имаме предвид дека театарот мора да биде достапен за секого. Секој кој сака да ја види оваа претстава, ќе се потрудиме да стигне до него. Не го правиме ова од ниту еден друг порив, освен поради внатрешниот бунт и потребата во овој момент, како уметници да го кажеме нашиот став за политичката ситуација во Македонија. Сакаме да направиме луѓето да си ги ослободат умовите и самите себе да си дозволат поголем степен на размислување.

Може да се каже дека сте еден од ретките уметници денес, кои би се осмелиле на ваква претстава во Македонија. Се чувствувате ли поради тоа „маргинализиран“ автор?

Јас во текот на мојата кариера сум бил на различни маргини. Ме забрануваа, ме цензурираа, мојата кариера започна со обид за цензура од страна на црквата, ме екскомуницираа, ми фрлаа анатема. Потоа дојдоа годините во кои добивав Шекспирови награди, Чернодрински награди, кога бев „на другата страна“, на некаков уметнички врв… Следуваа овие лоши години за уметноста во Македонија, кога веќе не се ценеше квалитетот, туку сите оние кои се слободоумни и кои не сакаа да бидат климоглавци и послушни дворски шутови, беа истиснати на површина.

Мене не ми е проблем таа маргинализација како уметник. Моите уметнички дела имаат свој удел во македонската драматургија и ќе бидат ценети и после моето живеење. Успешен сум и вон Македонија, но токму дома читателите беа ускратени од моите дела, затоа што моите идеи и пораката на моите драми на некои „началници“ не им се допаѓаше и не сакаа да бидат проширени. Намерно ми беа одбивани театарски проекти и не можев да ги отпечатам книгите. Да се водевме по принципот на квалитет, сигурно немало да дојде до тоа.

На вести постојано слушаме за нови вложувања во културата. Добивме и нов театар. Сепак, театарската уметност ни е на незавидно ниво. Што вие мислите за тоа?

Кај нас, место уметноста да биде достапна за сите, онаа со вистинска вредност е на маргините и во овие празни згради се случува само празен театар. Имаме големо вложување, но се заборава дека суштината на театарот не е во таа италијанска сцена-кутија, во тие зградурини. Срцето на театарот се уметниците и нивната слободоумност. Добар театар може да се случи на било кое место. Ние во овој импровизиран простор, во ГЕМ Клуб, имаме многу повеќе од театар. Тоа е суштинскиот проблем, и токму затоа нашиот театар, од еден од најквалитетните пред 10-15 години, е спуштен на многу ниски граници.

Ние сосема пропаѓаме, што се однесува до квалитетот. Дури и се нанесе голема штета на културниот и националниот идентитет на Македонија воопшто. Со проектот „Скопје 2014“, со тоа изместување на коренот на македонскиот народ во минатото, се направи откоренување на овој народ. Штом можеа еднаш да го направат тоа, на овој народ постојано може да му се враќа сржта таму некаде во минатото, во Библијата, во исконот, кај амебите. Ние од тоа направивме званична историја, дека сме најстари и најзначајни. Всушност сме една црна точка на крајот од Европа, од која Европа не знае дали е подобро дали да се откаже од нас или сепак да нѐ прифати.

Уметноста е многу важен амбасадор на една држава. Ако ние вложувавме паметно во неа, ќе го покажевме нашиот генетски код и во тоа европско семејство ќе оставевме впечаток дека сме дел од нив, но имаме и своја специфика. Со ова откоренување и понижување, со тие споменици и коњи, изгледаме смешни. Јас сум дел од ова уметничко милје, и од една страна сум горд на македонската култура. Но, од друга страна се срамам од ова кичерајско третирање на уметноста и историјата.

Колку е во театарот и во културата воопшто кај нас присутна пропагандата?

Сѐ се сведува на пропаганда и спинување. Најдобри се театрите кои продаваат најмногу карти, директорите се сведени на политички комесари кои стојат на благајните и бројат колку карти продале. Ако на нешто не штедеше оваа обнародена власт, тоа беше пропагандата.

Ова ми е најдобар пример: купуваме најмодерен воз од Кина, се сликаме, возот сообраќа еден ден, и пет месеци потоа возот не може да вози по старите македонски пруги. Тоа зборува многу за македонскиот популизам и за сликањето пред камери. Место да градиме инфраструктура, носиме атракции за да победуваме на избори. Така е и во културата и во секој аспект. И во најмалиот сегмент на егзистенција, сега е вмешана политиката и манипулацијата.

Стефанија Тенекеџиева