[Интервју]Еркан Сака: Протестите во паркот Гези ја покажаа силата на онлајн медиумите

Изненаден и горд што и самиот бил дел од протестите во паркот Гези во Истанбул што се случија минатата година, Еркан Сака, универзитетски професор на Универзитетот за комуникации во Истанбул вели дека го изненадило тоа што младите во Турција го промениле својот начин на однесување и станале активни.

[Интервју]Еркан Сака: Протестите во паркот Гези ја покажаа силата на онлајн медиумите

Фото: Ванчо Џамбаски

Еркан Сака беше еден од говорниците на дводневната конференција „е-општество: Млади и медиуми“. Во интервју за Радио МОФ тој зборува за моменталната состојба со медиумите во Турција, се потсетува на протестите и укажува на моќта на социјалните мрежи. 

Вашата презентација беше за тоа како младите ги искористија новите медиуми во протестите што се случуваа во паркот Гези парк во Истанбул. Дали младите ги искористија сите онлајн алатки што им беа на располагање?

Да, навистина сите алатки. Ако ми го поставевте ова прашање пред една година, би кажал дека младите ги користат онлајн медиумите на попасивен начин, само како консументи. Но, ова беше изненадување и за мене. Младите дефинитивно можат да ги користат овие алатки многу продуктивно за некои политички акции или социјални мисии користејќи ги на еден интегративен начин.

Колку младите во Турција ги користат блоговите и новите онлајн медиуми?

Блогирањето е релативно помалку користено. Мислам дека тоа е поради тоа што младите едноставно се префрлаат на социјалните медиуми многу брзо. Но, кога станува збор за некои теми, не само политичките блогови, туку и други видови како што се блоговите за мода или блоговите за технологија, или пак блогови за патувања, храна се развиваат многу брзо. Забележав една мала зголеменост на користењето на овие блогови.

Спомнавте дека Твитер секојдневно го зголемува бројот на профили…

Дефинитивно. Мислам дека Фејсбук се уште најактивно се користи, но помладите многу брзо преминуваат на Твитер.

Полицијата во Турција апси твитерџии

Од оваа временска дистанца, што навистина се случи во паркот Гези?

Јас би го опишал како окупирачко движење какво што се има случено во САД и во некои европски земји. Сметам дека ова не беше обид да се победи власта, туку тоа што сите сфери од општеството беа фрустрирани од зголемениот авторитаризам на Ердоган, не само во политичкиот живот, туку и во социјалниот живот. Можеби, бидејќи имаше граѓански и хуман агол беше последното предупредување за Ердоган. Ние само сакавме подемократски премиер.

Имаше случај кога дури и турската програма на Си-Ен-Ен даваше документарен филм за пингвини додека ескалираа протестите во Турција. Кој е Вашиот коментар за тоа?

Тоа беше дел од турските медиуми, така што колку што знам турската програма на Си-Ен-Ен е на некој начин одвоена од самата Си-Ен-Ен. Како дел од традиционалните турски медиуми, тие одлучија да не известуваат за овој многу важен проблем. Дури сега ние добивме документи за тоа како премиерот Ердоган ексклузивно и активно влијае врз известувањето на медиумите. Така што тие можеби биле исплашени да известуваат бидејќи повеќето медиумски соработки се вмешани во бизниси надвор од медиумите, па со тоа би ги изгубиле лиценците.

Фото: Ванчо Џамбаски

Што се случува моментално со новиот закон за онлајн медиумите во Турција?

Новиот закон е многу лош. Постојат два аспекти од законот. Едниот е дека порано имаше одредени договори за делумен пристап до некои страници или пак некои беа целосно забранувани. Но, сега веќе нема договори. Власта е таа што одлучува кои страници се во ред, а кои не. Вториот аспект е профилирањето на луѓето бидејќи на власта ќе и биде дозволено да има пристап до приватните податоци до две години. Ова значи дека власта непречено може да врши дигитално набљудување.

Што носи развојот на онлајн медиумите, ќе помогнат ли тие во борбата за слободата на изразувањето ?

Верувам дека луѓето ќе најдат нови начини за да се борат за слободата на изразувањето и во Туција моментално се одвива една засрамувачка ситуација. Не верувам дека луѓето ќе се повлечат. Протестите кои почнаа во Гези паркот нема да престанат. Можеби ќе има само повремени паузи. Мислам дека луѓето се навистина фрустрирани, а тоа е една од главните причини што протестите се уште се случуваат.

Емилија Петреска