Проектот „Historija, Istorija, Povijest – Lessons for today“ (Хисторија, Историја, Повијест – лекции за сегашноста) има за цел да го покрене вниманието, да поттикне и поддржи дискусија за настаните од блиското минато на Западен Балкан, кои, меѓу другото, се и главна причина за разни поделби на различни основи и предизвикување на конфликти во деведесетите година на минатиот век, вели во интервју за Радио МОФ, Димитар Низамовски, кој е координатор на проектот за Македонија.
Низамовски потенцира дека овој регионален проект започна во јануари 2015 година. Младинскиот образовен форум е партнерска организација која го имплементира во Република Македонија, а носител е Ана Франк од Холандија, со поддршка од Европската унија. Преку останатите партнери, овој проект се спроведува и во Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.
Останатите генерални цели, според Низамовски, се промовирање на критичко размислување за историски настани и нивното влијание и улога во современите предизвици за овие општества. Исто така, поттикнување на дијалог за заедничкото минато преку развој на помирувањето и сето тоа преку методолошки пристап, кој вклучува употреба и комбинација на елементи и методи на формалното и неформалното образование.
„Поспецифичните цели вклучуваат продукција и дисеминација за заеднички материјали по историја на територијата на Западен Балкан, патувачка изложба за животот и делото на Ана Франк и холокаустот на Евреите од Европа за време на Втората светска војна, развој на Memory Walk (прошетка низ сеќавањата) видеа, креирање на интернет страница на која се достапни планови за предавање и материјали, како и поттикнување на дебати во училниците на теми како предрасуди и дискриминација, сеќавање и историја“, вели Низамовски.

Димитар Низамовски
Споменавте повеќе работи… Што од ова досега е остварено?
ДН: Досега се одржани четириесетина работилници за Memory walk (прошетка на сеќавањата) во средни училишта низ неколку градови низ Македонија (Скопје, Куманово, Прилеп, Тетово, Велес, Неготино, Струмица, Кавадарци), патувачката изложба ја посетија голем број на граѓани од Скопје, Тетово, Кавадарци, Битола, Струмица, Струга, Неготино, Кичево и Прилеп, изработени се 7 панели за македонскиот контекст од 1945-тата година до денес од страна на експертите Мишо Докмановиќ и Бесник Емини, а поставена е и интернет страницата www.historijaistorijapovijest.org, која функционира на повеќе јазици (англиски, македонски, српски, хрватски и албански) на која може да ги најдете сите релевантни информации и потребни материјали.
Каква е соработката со државните институции и средните училишта низ државава? Дали имаат капацитет, но и интерес да поддржат ваков проект?
ДН: Соработката со државните институции и средните училишта е различна од град до град. За она што нам ни е потребно за успешно спроведување на проектот, убедени сме дека постои доволен капацитет кај институциите и училиштата. За жал, сметаме дека кај некои од нив она што недостасува се всушност волја и интерес да се спроведат проектните активности.
Додека едни училишта нè дочекаа со отворени раце и беа подготвени и со желба да соработуваме, некои директори нè одбија, можеби сметајќи дека оваа тема моментално не е приоритетна за образованието на средношколците, кои впрочем се и главна целна група на овој проект.

Патувачката изложба
Со оглед на пристапот и тематиката, колку е јавноста заинтересирана за изложби од ваков вид?
ДН: Од досегашните изложби увидовме дека постои голем интерес за вакви и слични теми кај пошироката македонска јавност. Можеби ова се должи и на моменталната понуда на изложби во нашата држава која недоволно ги задоволува културните апетити на македонските граѓани или едноставно нашите сограѓани стануваат посвесни и посензитивни за овие теми и области, нешто што особено нè радува. Иако изложбата е доста посетена и од повозрасните граѓани кои на директен или индиректен начин повеќе се запознаени со периодот на Втората светска војна, искрено посакуваме оваа изложба да ја посетат што е можно повеќе млади луѓе. Тука особено би апелирале до средните училишта за нивна помош во споделувањето на информациите и зголемување на видливоста за овие работилници и самата изложба со цел да допрат до поголем број на ученици.
Кои се придобивките? Дали е нужен критичкиот осврт кон историјата за подобро осознавање и добивање целосна слика?
ДН: Во време на манипулирање со националната и регионалната историја и нејзино користење за добивање на политички поени и освојување на избори, од голема важност е да имаме граѓани, особено млади луѓе, кои се свесни и критички настроени кон сето она што го примаат како знаење и информации.
Токму преку овие работилници и изложбата „Ана Франк – Историја за денес“ се трудиме да ја подигнеме свеста кај младите и да покренеме дијалог за национализмот, исклученоста и сегрегацијата, предрасудите и дискриминацијата и да предупредиме за можните ризици и несакани последици од антисемитизмот, расизмот и ксенофобијата.
Што останува да се заврши до крајот на проектот?
ДН: До крајот на проектот планираме патувачката изложба „Ана Франк – Историја за денес“ да ја поставиме во Велес и Куманово со цел да биде посетена и од граѓаните на овие два града, како и да одржиме уште дваесетина работилници за Memory walk низ повеќе градови низ Македонија за да ги охрабриме и поттикнеме да размислуваат за начинот на кој се претставува историјата преку наследство и спомениците и можните и несакани манипулации со историјата и сеќавањата.
Б.Ш.