[Интервју] Џефри Јанг од „Гласот на Америка“: Времето е на страната на младите

32e9acaЏефри Јанг е долгогодишен американски новинар и аналитичар кој во последните 14 години е дел од редакцијата на „Гласот на Америка“.

Претходно, тој работел за медиуми како ABC и NBC. Негова специјалност е полето на корупцијата, но не стигнал со „првиот лет“ до оваа позиција. За себе вели дека новинарството и истражувањето се во неговата крв со оглед на тоа што израснал покрај агент на ФБИ.

Денешниот Џефри Јанг кој како добар новинар својот соговорник би го „бомбардирал“ со прашања, за Радио МОФ раскажува дека  некогаш бил млад бунтовник со длабок глас кој пуштал музика во локалното радио.

Како и зошто одлучивте да се занимавате со новинарство?

Кога имав 10 години, татко ми за мојот роденден ми подари радио кое всушност ми овозможи да го слушам светот. Секоја вечер пред да заспијам ќе го пуштев радиото и можев да ги слушнам сите. Ова беше во периодот на 60-тите, за време на Студената војна, но не ја слушав само едната страна. Го слушав радиото во Москва, Куба, ги слушав сите страни. Ова се двете работи кои подоцна ме мотивираа во средно да пишувам и фотографирам за средношколскиот весник. Потоа, успеав да се запишам на универзитетот во Мисури, што се смета врвен универзитет за новинарство. Во тој период, сакав да имам диплома што ќе ги импресионира луѓето бидејќи да се биде дел од тој универзитет е голема работа. Додека бев студент, се обидував да правам и други работи. Моето прво искуство во радио беше како диџеј. Мојот глас со текот на развојот се промени и звучев како многу повозрасен, а за моите пријатели кога сакаа да избегаат од училиште, ќе се јавев во канцеларијата на директорот и ќе зборував на телефон како нивен родител (се смее).

Како гледате на новинарството од аспект на почетник и сега?

Започнав како репортер, следев секојдневни приказни, како на пример пожари. Она што ми се случи е тоа што со текот на времето, веќе не ги бркам тие пожарникари, сега не сум репортер, сега сум аналитичар. Сега некој друг трча по пожарникарите, а јас сум тој којшто ви кажува зошто се случил пожарот и што ќе се случи во иднина, како ќе продолжи приказната.

Во деведесетите, ги напуштате САД и заминувате за Кувајт каде во тој период се одвиваше Голфската војна. Какво искуство стекнавте како главно одговорно лице за медиумите во Кувајт и вашиот однос со тамошното Кралско семејство?

Во Кувајт останав сè до 1997 година. Бев медиумски советник и имав голем број привилегии и голема плата, со огромна куќа, но кога сте дел од таа култура доаѓате до сфаќањето дека ако те платат, ти си веќе под нивна сопственост. Кралското семејство во Кувајт, никогаш не се однесуваше кон мене на таков начин, но така функцнираат овие општества.

Во август 1997 година, вие и ваш колега дојдовте до идеја да пренесете видео во живот на интернет. Ова некои го нарекуваат пионерски потег. Како се случи тоа?

Во август 1997, еден од моите колеги дојде со идеја за софтвер кој ќе пренесува во живо видео на интернет, ова во мене побуди желба да бидам еден од луѓето кои го овозможиле ова. Така, започнав да пребарувам на интернет и најдов една лондонска веб страница. Почнав да комуницирам со основачот на страницата и заедно соработувавме и дојдовме до идејата дека сакаме да бидеме првите кои успеале да го направат ова. Три месеци подоцна, формиравме компанија, креиравме веб страница и го купив потребниот софтвер. Но, ова немаше никаква врска со новинарството и правењето вести. Јас и мојот колега отидовме во најголемиот клуб во Лондон и снимавме. Ова го направив е поради тоа што чувствував дека треба да сменам нешто во животот, сакав да докажам дека можам да имам идеја и да ја остварам. Веќе во 2000 година пукна меурот во врска со интернетот, многумина од луѓето си рекоа дека премногу фрлаат пари на интернет, така што имаше големо повлекување на рекламите во тој период. Нашата веб страница беше доста успешна и заработувавме пари од тоа. Но, после 2000-тата, одржувањето на страницата беше отежнато и завршивме така што моравме да ја затвориме. Така, конечно дојдов во „Гласот на Америка“.

Во вашата кариера сте имале бројни истражувачки стории кои вклучувале големи имиња кои биле во компромитирачка ситуација. Дали имаше притисоци во однос на тоа дали треба или не да се објави приказната?

Во Америка сме заштитени со Уставот, преку слободата на медиумите, вие можете да кажете речиси сè на светот, сепак ќе бидете заштитени од Уставот на САД. Линија се повлекува во моментот кога преку вашите текстови повикувате на насилство против државата. Можете дури да им кажете на луѓето гласајте за овој, тој не е добар претседател, но сè додека не повикате армија да ја нападне Белата куќа. Кога станува збор за „Гласот на Америка“, јас бев намерно поставен на оваа задача да откривам вакви приказни и ја имам целосната заштита од мојот уредник. Ако некој сака да ме обвини за нешто, прво треба да помине преку него. Ако може да се каже дека некогаш сум имал искуство на мал притисок, тогаш тоа би било кога известував од Конгресот, бидејќи „Гласот на Америка“ добива пари од Конгресот, со оглед на тоа дека сме владина агенција.

Веројатно сте запознаени дека доаѓате во земја каде ја има цензурата и притисоците. Какво е вашето мислење на оваа тема?

Свесен сум дека вие ја немате вистински таа заштита на новинарството. Но, убавината е во тоа што луѓето кои ги создале овие правила стануваат сè постари секој ден, а младите доаѓаат до позицијата кога располагаат со целосната моќ. Она што младите треба да го направат, е дека кога ќе бидат луѓе со моќ и ќе се наоѓаат можеби во владата или во парламентот, ќе биде потребно да направат промени бидејќи ова е ваша држава, вие имате право да го правите тоа како што го сакате. Времето е на вашата страна, така што останува на вас да правете одговорни одлуки со што би имале отворено и еднакво општество.

Емилија Петреска