Додека ги интервјуира соговорниците, новинарот и активист Дехран Муратов вели дека често се случува да пушти по некоја солза заедно со нив. И иако неговите солзи не се гледаат во сториите кои ги пишува, неговите колумни на интернет-страницата на Цивил секогаш се исполнети со лични емоции.
Во интервјуто за Радио МОФ тој раскажува дека полициската униформа, а не новинарскиот микрофон бил негов прв избор, но додава дека е среќен што работите завршиле поинаку бидејќи се нашол на вистинската страна на протестите кои се случуваа изминативе години.
Муратов говори и за начинот на кој медиумите известуваат за ромската етничка заедница, на која и самиот припаѓа, како и за потребата од граѓанското новинарство, за кое смета дека преку една слика може да ги менува и најцврстите стереотипи.
Која е причината да го избереш новинарството како професија?
Потекнувам од Катланово. Никогаш не се гледав како новинар, бидејќи растев со идејата да станам полицаец. Два пати не бев примен на полициска академија, со никакво образложение, иако ги исполнував сите услови. Разбрав како функционира тој систем, тој режим кој го живеевме изминативе 11 години. Единствено сфатив дека можеш да проговориш и јавно да зборуваш за проблемите ако запишеш новинарство. Само новинарите имаа сила да ги кажат сите недостатоци на ова општество. Се случи во Македонскиот институт за медиуми да имаат проект – едногодишна школа за новинари Роми. Потоа се запишав и на факултетот во Високата школа за новинарство и односи со јавност, каде што дипломирав. Од сегашната перспектива, кога ќе размислам, благодарен сум што не ме примија во полициската академија, затоа што можеби ќе бев од таа другата страна, која што би требало да ги тепа тие што се бореа и кои протестираа на улица. Добро е што бев од страната на тепаните. Не се каам.
Во една прилика имаш изјавено дека за правата на Ромите ретко се известува. Каков е твојот став денеска?
Пред сè медиумите и општеството се научени на „амдибајрам“ говор и тоа е тоа што го имаат како слика – ако некој нешто каже, треба да биде комичар. Ако некој зборува поинаку не е сфатен и нема атрактивност во неговиот говор. Затоа што, за жал, публиката сака крв. Сака некој комичен говор. Сака некој што, кога ќе го пушти, ќе се гази од смеење. Отколку некој што ќе го слуша Дехран, кој е досаден, кој зборува за права и еднаквост и тоа не е интересно – медиумите не го препознаваат.
Која е причината за тоа?
Тоа е затоа што се длабоко навлезени во политиката. Затоа што човек кога запишува факултет истовремено се зачленува и во политичка партија. Индексот му е помалку битен од партиската книшка. Ако гледаш дека некој те контролира, дали ставаш лајк, или коментираш некому на Фејсбук… не дај Боже да напишеш и личен статус – веднаш ти се јавуваат и те опоменуваат: „ако ти го правиш тоа – ти си против мене“. Кога се зачленуваш во партија едноставно губиш чувство на сопствен став. Ставот го градиш онака како што ти кажува лидерот. За жал тој страв сè уште постои. Можеби за нијанса се ослободи, но, не можеш да видиш дека некој се дрзнал да напише нешто против својот лидер. Тоа, час поскоро, мора да се промени.
Колку Ромите јавно говорат за своите проблеми?
Како онаа приказна со кубурот. Исто и со Ромите. Си го чуваат кубурот, односно ставот, да го искажат гласно. За жал, дури и ако проговорат гласно, нема кој да застане зад нив. Тоа е најголемиот страв. Не дека тие не можат да зборуваат и да бидат гласни. Можат. Но што ако проговорат? Нема да промени ништо. Ако некој биде одбиен за лекарска нега и ако тоа го каже – наместо јавноста да почне да го критикува лекарот, во истиот момент имаш критика кон жртвата – „бил несоодветно облечен“, „бил валкан“, „што му требало да направи десет деца, кога нема да јаде“… Одеднаш, наместо тој да биде жртвата, тој станува виновникот. Затоа, за жал, Ромите во најголем дел молчат. Молчат и затоа што, од друга страна, се социјални случаи. А најлесно можеш да манипулираш со човек кој едвај преживува од ден на ден. Затоа што тој нема моќ. Ние тој човек наместо како жртва на системот го гледаме како виновен затоа што не успеал да се школува и да се вработи. За жал, во таков систем и со таков менталитет живееме. Со промена на власта не се менува и менталитетот на луѓето. Ќе треба време додека се променат некои стандарди.

Сторијата на Муратов за злоставуваната штитеничка од Домот „25 Мај“, беше прогласена за најуспешна на наградите за граѓанско новинарство / ФОТО: ЦИВИЛ
Како се чувствуваш кога, како новинар, ги гледаш ваквите случаи во твојата работа?
Се случило кога правам интервју со некој, кога тој плаче дека нема храна, дека нема ништо, зад камерата солзите и тебе ти течат. Но, тоа на снимката го нема, го нема ни во текстовите. Се случувало и по неколку денови да не можам да јадам, да не можам да голтнам залак поради состојбата во која се наоѓаат тие луѓе. Снимав една жена чии раце беа целосно извалкани од собирање по контејнери. Таа зборуваше дека со тие раце, кога се враќа дома, мора да им прави јадење на децата, а цела населба нема вода. Повторно ми се враќа сликата – кога гледам дека тие деца мораат да јадат валкана храна, затоа што мајка им не може да ги измие рацете. Се соживувам со тие луѓе, бидејќи си велам дека можев и јас да бидат тоа.
За среќа, тој тренд опаѓа, затоа што веќе не се бројат на прсти луѓето кои се запишуваат на факултети. Голем процент Роми веќе завршиле средно и од нив повеќе од половина запишуваат факултети.
Активистите редовно алармираат и за дискриминација и кршење на правата на Ромите во здравството. Колку медиумите можат да помогнат по ова прашање?
Кога започнав со новинарството имаше случај со жена Ромка, без дом, со гангрена на нозете и никој не ја примаше бидејќи немаше документи и здравствена книшка. После тој мој прилог таа веднаш била примена во болница, била оперирана и згрижена. Била сместена и во институција. Токму тоа можеме да го поправиме со нашето известување. Но, институциите не смеат да чекаат секој проблем да излезе во медиумите. Ние не можеме да ги покриеме сите, а доколку се покаже еден таков пример, самата институција треба да се погрижи за другите такви случаи. И ние новинарите слушаме критики – „Па вие не доаѓате да не прашате“. Има една изрека: Ако планината не дојде кај Мухамед, Мухамед оди кај планината“. Не можеме да ги знаеме сите проблеми на граѓаните. Затоа постојат контакти и социјални мрежи. И кога ќе ме известите, да зборувате за тој проблем. Морам да имам некоја потпора за тоа што го пишувам. Тоа е тоа граѓанско новинарство – доказите кои ги имаме. Можеме да бидеме гласни, ако имаме докази за тоа.
Кој е начинот можел да се менува третманот на Ромите во здравствените институции?
Има убав пример во Гостивар. Лекарот Ариф Пини, кој е Ром и дел од болницата. Целата установа е променета преку влегувањето на само еден Ром помеѓу лекарите и таа дискриминација кон ромската заедница исчезнува. Ако овој систем функционира во Гостивар, мислам дека сликата би се сменила со повеќе такви примери низ другите делови од Македонија. Знам дека има голем број дипломирани лекари Роми, кои не работат во медицински установи. Со поголемото активирање на медицински лица Роми во самите институции ќе се променат стереотипите и ќе се подобри комуникацијата. Често има случаи кога пациентите имаат проблеми да ја разберат дијагнозата која им ја дава лекарот.
Кој е според тебе најефикасниот начин за менување на стереотипите за ромската заедница?
Само преку граѓанското новинарство. За среќа сега постои простор и можност за секој да стане, на некој начин, новинар. Секој има „паметен“ телефон и камера. Доволно ќе биде да отиде во болница и доколку забележи дискриминација да ја документира. Тој прилог може да го стави на Фејсбук. Ние од Цивил исто така имаме платформа за граѓански новинари каде може да се приложи снимката или аудиото. На тој начин тоа ќе се прошири и ќе стигне до медиумите – тогаш ќе допре и до институциите, министерот… и тогаш и тие ќе ги видат аномалиите на системот. Ние можеме само да им помогнеме тоа да не испадне од таа етичка рамка на известување. Во овој модерен свет, модерен активизам и социјалните мрежи, една слика може да промени многу работи.
Колку се застапени темите од интерес за Ромската заедница во медиумите?
Сите теми се битни. Еве сега актуелно е дали треба да се менува името на државата. Чие прашање е тоа? Гледаме како дискутираат Македонците и понекој Албанец и толку. Каде се Ромите, Власите, Турците? Дали некој нив ги праша? Дали тоа не е важно прашање за нив? Дали тие не живеат во Македонија? Ова е само еден прост пример. Сите прашања во земјава се битни и за Ромите. Не е битно само за Ѓурѓовден колку јагниња заклале, или за 8-ми април да се сликаат и да држат говори во Шуто Оризари, или ромскиот бал. Тие се тие неколку дена кога на институциите им текнува дека постојат и Роми во државава. За жал и Ромите ништо особено не прават за да го привлечат вниманието. Ниту еден ромски политички лидер не излезе за став на одредена политичка тема. Обично излегуваат само кога е повредено нивното его. За жал ромските политичари не ги застапуваат правата на Ромите, туку своите интереси.
Даниел Евросимоски