Дваесет и шестгодишните Горјан Аревски и Санела Вучевска имаат желба да отворат продавница за уметнички ракотворби. Нивната бизнис идеја беше првонаградена на школата за претприемништво „Од идеја до стартап“.
„АртТехне“ е името под кое аплицираа за наградата. Тоа ја опишува нивната идеја – спој и промоција на уметноста и вештината.
Во интервју за Радио МОФ, Аревски и Вучевска ги објаснуваат проблемите и предизвците со кои се среќаваат на патот кон реализирање на оваа идеја во успешен бизнис.
Како дојдовте до идејата за отворање на ваков бизнис?
Се започна како идеја за продавница за оригинални уметнички ракотворби. Секој од нас би сакал да поседува вакви декорации во својот дом. Секогаш кога сакав да купам нешто вакво за себе или како поклон за пријател се среќавав со истиот проблем: не можев да најдам повеќе различни нешта на едно место и морав да шетам низ цел град во порага по еден убав, но едноставен украс.
Од друга страна потребата на креативците кои се занимаваат со правење на ваков вид творби да ги презентираат и продаадат своите дела беше голема.
Првичната идеја беше да отвориме онлајн продавница каде ќе ги продаваме тие предемти, но набрзо воочивме дека македонскиот пазар се уште не е целосно подготвен за такво нешто. Купувачите кај нас сепак преферираат да ги допрат и видат лично предметите пред да ги купат.
Сфативме дека сепак поуспешна би била физичка продавница наместо онлајн платформа, која ќе остане како план за во иднина.
Со кои проблеми се соочувате во реализацијата на овој стартап?
Да реализираш една ваква идеја во целосно функционален бизнис е исклучително тешка работа. Се соочуваме со многу проблеми меѓу кои и недостатокот од финансии. Во поглед на ова се уште бараме инвеститори и други извори на средства кои би ни помогнале во отворање на продавницата.
Од друга страна, потребна е и вистинска, цврста маркетинг стратегија и промоција на бизнисот на која активно работиме уште од сега.
Мора во државава да се работи на поддршка и промоција на старт-ап бизнисите со цел младите креативци да имаат поле каде би ги презнтирале и реализирале своите идеи.
Од клучна помош за нас беше школата „Од идеја до стартап“ и секако дека вакви менторски работилници и школи се од ислучителна важност.
Која e вашата прогноза за успехот на бизнисот?
Две работи се клучни за постигнување успех: местоположбата на продавницата и допирање до вистинските купувачи.
Нашата идеја е таа да биде во облик на приколка која ќе биде уникатна и подвижна. Ќе биде стационирана во центарот на градот што ќе и овозможи поголема видливост. Подвижноста пак ќе ни овозможи на периоди да ја преместуваме онаму каде што ќе се случуваат поголеми настани, а во сезонските периоди на туристичките места каде ќе има поголема маса на народ и повеќе купувачи.
Од друга страна, таргет групите кои очекуваме да бидат наши наредовни купувачи се поделени на две групи: девојки на 25 – 40 годишна возраст кои покажуваат најголем интерес за ваквиот вид творби и украси и странските туристи кои се секогаш заинтересирани за купување на вакви сувенири.
Дали ја гледате својата идина тука или надвор од државава?
Сега за сега тешко да се каже. Мораме прво да започнеме со работа и потоа да видиме како би функционирало се тука.
Иако наше лично мислење е дека полесно се успева во странство, не ја исклучуваме можноста и сме оптимисти дека и тука би успеале со еден ваков бизнис. Нашата желба е да успееме тука и потоа да се прошириме надвор.
Георги Божиновски