Државниот инспекторат за труд соопшти дека со влегувањето во сила на законските измени и дополнувања на Законот за работни односи за недела неработен ден, од 2 јануари ќе воспостави дежурства во недела по региони за да провери колку се спроведува законот.
Оттаму ги повикуваат сите работници на кои ќе им бидат прекршени нивните права во врска со работата во недела, да пријават во инспекторатот.
„Пријавувањето може да го направат на неколку начини: на веб страницата на ДИТ (https://dit.gov.mk/ ) анонимно или како пријава од познат подносител, со поднесување на пријава во архивите на подрачните одделенија и во централата на ДИТ од понеделник до петок од 8:30 до 16:30, преку кол центарот повикувајќи го бројот 15131 од понеделник до петок од 8:30 до 16:30, и во недела почнувајќи од 2 јануари 2022 година од 8.30 до 16.30 часот на дежурните инспектори по региони“, гласи известувањето на ДИТ.
-Со ова известување, од ДИТ нагласуваат дека при инспекциските надзори приоритет ќе биде доследната примена на овие законски норми, а со цел заштита на правата на работниците.