Инспектор за животна средина изрекол забрана за сеча во речното корито на Дошница

Инспектор од Државниот инспекторат за животна средина, на терен, во јуни месец, утврдил дека инвеститорот сече дрвја во речното корито на Дошница, што беше причина Инспекторатот да изрече забрана за вршење сеча на дрвна маса сè до добивање дозвола или согласност за истото од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), објави агенцијата Мета.мк.

Во решението од Државниот инспекторат за животна средина, донесено на 27 јуни, меѓу другото пишува дека фирмата „Хидро Дошница“ треба да достави ваква дозвола или согласност – мислење од МЖСПП за сечење на дрвна маса во река, а во спротивно фирмата ќе сноси прекршочна или кривична одговорност.

Во членот 131 од Законот за води, пишува дека заради заштита и одржување на природните и уредените речни корита и бреговите на водотеците, езерата и акумулациите, забрането е (освен со дозвола или согласност издадена врз основа на закон), да се сечат дрвја и да се уништува друга вегетација во речните корита и
бреговите на водотеците, езерата и акумулациите.

Во решението е наведено дека ако не се почитуваат насоките во даденото решение од 27 јуни и се продолжи со активности, државниот инспектор за животна средина ќе поднесе барање за поведување на прекршочна, односно кривична постапка пред надлежен суд.

Од друга страна, извори во Министерството за животна средина и просторно планирање, од секторот за води, за Мета.мк велат дека тие не издаваат таква посебна дозвола за сеча во речно корито, иако законот го вели спротивното.

„Да, нема таква дозвола за сеча на дрва, ние не даваме како животна средина, иако тој член на кој инспекторот се повикува, е така, дека за сеча во речно корито треба дозвола. Но, во дозволата што ја има инвеститорот за вода, има активности поврзани со копање, чистење терен, сечење на дрвја, и тоа е вклопено во самиот проект. И во таа насока е нашиот одговор, дека кај што сме им рекле кај што треба да оди зафатот, може да сечат. Тука се работи за расчистување на траса, тоа е во рамки на инфраструктирен проект. Тоа е така кај сите концесионери кои градат хидроелектрични централи. Ние за ниедна централа не сме дале засебна дозвола. Правно гледано, инвеститорот нема пречка да гради, но заради протестите и затоа што се бара повторно разгледување на документите, градежните работи се запрени. Ниеден од концесионерите што сме ги имале, никој не бил „насилник“, да трча да гради ако гледа дека има отпор“, велат за Мета.мк од секторот Води во МЖСПП.

Инаку, приватната фирма која изнајмуваше машини за изградба на хидроелектраната на реката Дошница си ја повлекува механизацијата од терен. Според активистите, иако ова е резултат на народниот отпор, битката за Дошница не е завршена и бараат Владата да ја поништи дозволата за градба на хидроелектраната.