Да се олесни процесот за пријавување на невработените лица и пристапот до правата во случај на невработеност, така што постапката целосно ќе се дигитализира, гласи барањето на Националниот младински совет на Македонија. Тие покренаа иницијатива за која им требаат 500 поддржувачи за да биде презентирана пред пратенците во Собранието.
Оттаму посочуваат дека според актуелниот Закон за вработување и осигурување, во случај на невработеност „невработено лице е лице кое не е вработено, активно бара работа и ги исполнува условите предвидени со овој закон“.
Според истиот закон, невработеното лице е должно лично да се јавува во Агенцијата на секои 30 дена и да докаже дека активно барало работа во последниот месец. Невработеното лице се воведува во евиденцијата на невработените лица во Центарот за вработување на чие подрачје има постојано место на живеење.
„Тоа претставува голем проблем за невработените затоа што ги изложува на значителни трошоци на време и парични средства и дополнително, во време на пандемија, може да биде и опасно по здравјето и за невработените, но и за вработените во АВРСМ. Дополнително, доколку настапи неможност за завршување на обврската за пријавување во определениот рок, лицето ги губи сите права во случај на невработеност и нема право да се пријави во Агенцијата една година потоа“, забележуваат од НМСМ.
Поради ова, тие бараат да се додаде услугата „Евидентирање на невработено лице“ на порталот uslugi.gov.mk. Ова според нив ќе им овозможи на невработените лица лесно да добијат пристап до информации за потребните документи, рокови, услови и надлежни институции за нивното евидентирање како невработени.
„Потоа, требa да се воведе можност за електронско пријавување на невработените лица. Со оглед на тоа што Агенцијата за вработување веќе располага со информации за лицата кои се пријавени во задолжителното социјално осигурување, не би можело лицата кои се вработени да се евидентираат како невработени и да користат права во случај на невработеност и шансите за злоупотреба на оваа можност се минимални“, сметаат од НМСМ.
Покрај ова, тие предлагаат за оние кои се пријавуваат електронски, да се воведе следење на времето кое го поминале најавени на нивниот профил на електронскиот систем на Агенцијата за вработување во ажурирање на својата кратка биографија, следење на активните огласи и комуникација со огласувачите. Доколку ова време е под минимумот што би се утврдил, лицето може да се избрише од евиденцијата на невработени, посочуваат од НМСМ.
Нивната иницијатива онлајн може да се поддржи на следниот ЛИНК.